Политички препукувања за тендер за Аква парк во Гостивар

61

Гостиварскиот огранок на ДУИ ја обвини актуелната гарнитура на локалната самоуправа дека манипулира со јавните набавки и при тоа ги прекршува постапките. Градоначалникот Арбен Таравари ги отфрла овие наводи и децидно вели дека сé е според законските прописи.

Во последното соопштение до јавноста од гостиварскиот огранок на ДУИ наведуваат дека последниот тендер за избор на предлог проект за аква-парк бил однапред договорен.

– Тендерот за изработка на идејно решение за Аква парк во Гостивар го доби фирма која го претходно го подготвила проектот, односно пред да биде објавен огласот. Во документацијата која е доставена јасно се гледаат фотографии што се направени во зимскиот период, а огласот за набавката е објавен во мај – стои во соопштението.

Градоначалникот Арбен Таравари овие обвинувања ги смета за нерагументирани и упати јавен повик до граѓаните да пријават неправилности, а увид во документацијата можат да направат секое време и доколку забележат неправилности да пријават во надлежни органи.

– Тендерот за Аква паркот беше за изработка на идејно решение, не за изградба на паркот. Изборот го направи комисија, а не јас. Знам дека најдобриот проект е на реномирана фирма од Скопје. И другите два проекти кои беа на автори од Гостивар беа одлични, но имаа недостатоци – изјави градоначалникот Таравари.

Од ДУИ посочуваат дека администрацијата на Таравари не ги прави јавните набавки на совршен начин како што се фалат, туку на тоа имаат забелешки и други институции. Како пример го наведоа неодамнешното решение на Државната комисија за жалби на јавните набавки околу набавката за хоризонтална сигнализација на улиците и патиштата во Гостивар. Со тоа решение комисијата ја укина одлуката за избор на најповолна понуда и ја поништи постапката.