Политички калкулации наспроти егзактни бројки

457
Фото: Игор Бансколиев

Иако бројките по преброените гласачки ливчиња покажуваат тенденција на јасно определување на победникот, продолжува востановената стара политичка практика секоја партија на свој начин да ги толкува резултатите, односно ја врти водата на своја воденица

Тесното водство на кандидатот на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, пред кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, во првиот круг од претседателските избори навестуваше неизвесен втор круг, на кој, сепак, победи Пендаровски со 58.499 гласа разлика. По ваквиот исход, двата политички табора повторно ги наметнаа прашањата од сферата на „веселата математика“ и околу тоа кој вистински победил, а кој е губитник на овие избори. Власта се повика на резултатот од ДИК, додека опозицијата калкулираше со освоените гласови во македонските средини.

Според ДИК, нов претседател на државата е Стево Пендаровски со освоени 436.212, или 51,66 отсто од гласовите. Неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова освои 377.713 гласа, или 44,73 отсто. Разликата од 4.240 гласа по првиот круг во полза на Пендаровски се зголеми на 58.499 гласа во вториот круг. Ваквата тенденција ѝ се припишува на поголемата мобилизираност од страна на владејачкиот СДСМ и неговиот коалициски партнер ДУИ, кој по првиот круг беше обвинуван дека не испорачал доволен број гласови на сметката на заедничкиот консензуален кандидат Пендаровски.

Од друга страна, и кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, освои речиси 60.000 гласа повеќе од првиот круг, што исто така не е мала бројка со оглед на краткиот временски интервал меѓу двата круга.
Предвид треба да се земе и поголемиот одзив во вториот круг, кој изнесуваше 46,70 отсто, односно правото на глас го искористиле 844.360 граѓани.

Сега веќе новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, ако се споредат бројките на ДИК од првиот и од вториот круг на гласањето, разликата главно ја направил во 13 општини од западниот дел на земјата, каде што мнозинството гласачи се од албанскиот етнички блок. Токму во овие општини во првиот круг кандидатот Блерим Река освои 53.851 глас, додека на Пендаровски тогаш довербата му ја дале 46.260 гласачи. Ако се направи некоја проста математика, се добива впечаток дека гласачите од овие 13 општини што во првиот круг можеби гласале за Река, сега гласот го дале за Пендаровски. Тука во игра е и калкулацијата дека ДУИ овој пат го мобилизирала своето членство во овие општини и го испорачала ветениот контингент на гласови.
Од друга страна, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Гордана Сиљановска-Давкова, речиси 35.000 дополнителни гласови во вториот круг доби во градовите како Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Куманово, Кочани, но и во некои од поголемите скопски општини, додека речиси во сите општини каде што водеше во првиот круг, го зголеми резултатот за дополнителни гласови, при што се дојде до бројката од речиси 60.000 гласови повеќе од првиот круг.

– Повторувањето на резултатот од првиот круг главно во македонските средини за власта е предупредување дека треба да се посвети на остварувањето на работите што граѓаните ги очекуваат, дека не е целосно заборавен Преспанскиот договор и дека не треба целосно да се игнорираат чувствата на граѓаните. Тоа се демонстрира со водството на Силјановска во над 40 општини – вели Александар Кржаловски, политички аналитичар.

Тој додава дека премиерот Зоран Заев треба да ја спроведе и чистката што ја најави, но и во процесите важни за државата да ја вклучи опозицијата, која, пак, треба да се однесува конструктивно.

Првиот човек на агенцијата „Рејтинг“, Никола Спасов, смета дека СДСМ загубил голем дел од гласовите што ги имал на локалните избори, при што за него особено е загрижувачка загубата на поддршката во Скопје.
– Факт е дека ако се споредат гласовите на СДСМ од локалните избори со претседателските, има значителен пад. Тоа треба да биде сериозна причина за размислување, при што објаснувањето не може да биде само Преспанскиот договор. Тоа многу добро го знае Владата сега, бидејќи тука имаше низа пропусти и грешки, а дел од тие грешки власта и призна – објаснува Спасов.

Според него, власта има загубено огромна поддршка од гласачите во Скопје и тука, пред сѐ, треба да се лоцира проблемот и да се поправат работите.
Професорот Мерсел Биљали смета дека сите добиле некаква лекција од овие претседателски избори и дека ДУИ со реториката за тоа колку гласови испорачала, се доближува до логиката на ВМРО-ДПМНЕ околу пресметките на гласовите.
– ВМРО-ДПМНЕ би требало да расчисти со тоа каде и од кого се добиени гласовите. По таа логика, таа ги турка политичките партии на власта и во иднина, за парламентарни избори, да направат некоја поширока коалиција. И, што е најлошо, еден дел од населението, во моментот Албанците, исклучувате од можниот природен избор за да се определат за добро здравство, добро образование, добра култура, добра економија, бидејќи поради икс-причини мора генерално да гласаат за една опција – нагласува Биљали.

Тој додава дека токму тоа е штетно за демократијата во земјата и дека ДУИ не може само така да си ги запишува заслугите за обезбедениот број гласови за Пендаровски.
– ДУИ беше коалициски партнер на власта и во првиот круг, па не беа испорачани потребните гласови. Граѓаните се еден интересен барометар, кој точно знае што треба да прави и мислам дека бројката на гласови оди на лично убедување на граѓаните во голема мера и дека многу помал влог тука имаат политичките партии, вклучувајќи го и ДУИ – објаснува Биљали.

Наспроти тоа, политичкиот аналитичар Александар Пандов е убеден оти овој резултат покажува дека Али Ахмети е факторот што одлучува.
– Ахмети е факторот што одлучува и неговата моќ и вештина во политиката се толку големи, поради што е реално, ако тој застанува зад кандидатот на СДСМ, исходот да биде ваков – додава Пандов.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]