Политичките елити ја (ре)креираат и националната и балканската историја

187
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Историчарите се подготвени да им служат на тие политички елити. Ако можат да најдат историчари што ќе бидат во нивна служба, тие го користат тоа и ги ставаат во реализација на своите политички идеи. Затоа мислам дека поголем е проблемот на историчарите што прифаќаат да се слуги на политичките елити. Ние сведочиме дека има многу од оние историчари што им служат, вели д-р Хуснија Камберовиќ, историчарка и професорка на Филозофскиот факултет во Сараево

Да почнеме со еден сликовит пример од регионот. Во едно основно училиште во Сребреница, неколку деца се фотографирале со четнички обележја, а потоа фалејќи се, фотографиите ги објавиле на социјалните мрежи. За родителите на децата Бошњаци ова однесување беше неприфатливо, зашто се случило во Сребреница, околината во која се случи геноцид. Тие протестираа со надеж дека ќе биде казнет секој што охрабрува омраза или загрозува поединци или цели групи.
Ова ги наметнува прашањата дали подолго време историската наука се користи за јакнење на националистичкиот ракурс, а со самото тоа и за создавање негативни слики за другите народи. Како историската наука и факти станаа „тесто“ што политичките елити го месат како што им е по волја? Колку посилните држави влијаат на послабите за менување на историските вистини и колку таквите влијанија се прифатени од послабите? Како ќе влијаат ретуширањата на историските факти што влегуваат во учебниците? Дали генерации деца и ученици губиме со прифаќање менување на историјата?

Воспитување, потоа образование базирано на факти, а не на политички потреби

Професорката по историја Виолета Ачкоска вели дека децата дома добиваат едно образование, но на училиште добиваат друго.
– Во минатото имаше многу воспитни категории, не само образовни, со кои задолжително се негуваа децата. Потоа со транзицијата почна да се губи воспитната компонента, а глобализмот е нешто што налага да се брише идентитетот на малите народи. Мислам дека овде проблемот лежи во системот. И во минатото имало вакво појави како во Сребреница. Пред многу години во Сараево цртаа кукасти крстови. Кога прашав зошто, еден политичар ми рече: „Во оваа стопанска криза, како поинаку ќе го дефокусираме вниманието?“ Така што, политичките елити ја злоупотребуваат историјата, и тоа не е нешто ново – вели професорката.
Таа додава дека секоја политичка елита ја креира историјата.
– Образованието кај нас е државно, а политичарите го насочуваат во еден или во друг правец. Како што доаѓа нова елита, така си ја приспособува историјата. Тоа е кусогледост. Кај нас немаме цивилно општество или јавно мнение за да се почитува, туку се прават промени во зависност од интересот на елитите. Кај нас имало политика во која се негувале историјата на државата и традициите и тоа е нешто што не можеме да го избришеме. А децата, тие треба да се учат да си ја сакаат државата, затоа што ако не ја сакаат, ќе прават зло. Треба да се учат да се чесни личности и дека само со работа ќе постигнат успех. Тоа се вредности што недостигаат – појаснува професорката.
Политичките елити на Балканот ги користат историчарите да им служат во креирањето историска наука што им одговара ним. Во меѓувреме, кај нас се случува токму тоа, учебниците по Историја и по Географија се предмет на менување на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на Македонија и на Грција за историски, археолошки и образовни прашања, формиран во согласност со договорот од Преспа. Како што информира за „Нова Македонија“ амбасадорот Виктор Габер, секоја комисија си го работи своето, а следна средба се очекува да одреди грчката страна.
– Имаме усвоено правилник за работа, а во согласност со тоа домаќинот закажува средба и дневен ред. Последен пат бевме во Охрид. Ќе видиме дали нивниот состав ќе биде истиот. Ние во нашите редови немаме политичари, а тие имаа, и тоа треба да се промени. Ние правиме записник од секоја средба, кој потоа во форма на препораки ќе оди до владите, односно до министерствата за образование и наука. Нашите учебници ние сме ги правеле со децении. Сега она што го правиме е да не создаваме непријатни чувства кај учениците, односно децата да не се воспитуваат преку тој дух, туку по европски дух. Нема да менуваме факти, туку на пример ако пишува во некој учебник за некој народ дека бил, на пример, „крволочен“, тој збор ќе го нема и сите такви зборови ќе ги нема – вели Габер.

Турбофолк-ревизија на историјата на балканските простори

Во емисијата „Контекст“, која се емитува на Ал џезеира, на темата „Учиме ли лажна историја“, дискутираа професори историчари, според кои политичките елити на Балканот во согласност со своите интереси ја менуваат историјата.
Проф. д-р Дубравка Стојановиќ, историчарка од Филозофскиот факултет во Белград, вели дека е проблем кога се влегува во свесна ревизија на историјата.
– Тоа што е познато во теоријата на историјата е дека секоја сегашност кон сопствените вредности гради нов однос кон минатото, а со самото тоа избира и херои и антихерои. Проблем е кога влегувате во свесна ревизија на историјата, кога ја менувате до непрепознатливост и кога тоа го правите на особено чувствителни прашања, како на пример Втората светска војна. И тоа ни се случи на средината на 1980-тите, ние почнавме да го менуваме односот кон Втората светска војна тогаш и се покажа дека тоа е подготовка за нови војни. Замената на местата на четниците и партизаните (што се однесува на Србија), преквалификацијата на усташтвото во Хрватска, во голема мера ги подготви војните во 1990-тите. Тие сега преминаа на теренот историја и сега конфликтите меѓу нашите држави се водат преку плеќите на историјата – смета професорката.
Таа со учебници се занимава, како што рече, од 1992 година.
– Се надевав дека учебниците ќе престанат да се менуваат во согласност со политичките мотиви. Наставата по историја многу често користи за јакнење на националниот идентитет, но и за креирање негативни слики за другите народи, наместо учебниците да служат за критичко и аналитичко мислење, нешто што треба да е суштината на историската наука. Учебниците, според мене, се предвојничка обука, затоа што држат тензии, децата се подготвуваат да имаат негативни слики за соседните народи и држави и тука се всадува начин на размислување што потоа тешко се менува, смета проф. д-р Дубравка Стојановиќ.
На прашањето, дали од политичките елити зависи што ќе пишува во учебниците, д-р Хуснија Камберовиќ, историчарка и професорка на Филозофскиот факултет во Сараево, вели дека политичарите се тие што имаат моќ да креираат одреден општествен амбиент.
– Историчарите се подготвени да им служат на тие политички елити. Ако можат да најдат историчари што ќе бидат во нивна служба, тие го користат тоа и ги ставаат во реализација на своите политички идеи. Затоа мислам дека поголем е проблемот на историчарите што прифаќаат да се слуги на политичките елити. Ние сведочиме дека има многу од оние историчари што им служат. Тие служат како покритие за некои одредени политички цели. Мислам дека тоа е голем проблем. Секаде на Балканот го има ова. Ако го гледаме малку пошироко, ако го гледаме односот меѓу политиката и историјата, ќе видиме дека на Балканот политичарите ги користат историчарите за да менуваат општествен амбиент, а европските лидери тежнеат да ги разберат историските одлуки, за да знаат какви политички одлуки да носат во иднина. Тука е разликата – истакна професорката.