Политичките елити и цивилната алтернатива во клинч

137
Фото: Игор Бансколиев

Багажот од негативните искуства од работата на традиционалните политички партии направи политиката сѐ повеќе да се доживува како нешто непринципиелно, опскурно, за тесни интереси, во кое чесните граѓани не би требало да се впуштаат. Всушност, тука се раѓа мотивот кај граѓаните да најдат друг модел на општествен активизам преку кој ќе ги остваруваат своите цивилни интереси. Има ли партискиот активизам реална алтернатива?

Доминантно (биполарно) партизираниот политички амбиент во Македонија, но и кај земјите во регионалното опкружување, обично пред избори засилено ја активира дилемата дали граѓаните воопшто имаат избор, односно можност да одлучуваат за промените во општеството во кое живеат. Заедничкиот впечаток на граѓанските активисти од регионот е дека незадоволството на граѓаните секаде е во пораст, но расте и граѓанската свест за намалување на граѓанските права.

Граѓаните го препознаваат стеснувањето на опсегот на правата и се борат против тоа… Препознаваат дека „општеството е грабнато од политичките елити“ и како граѓани мора да се борат за нешто што во духот на правдата и правото им припаѓа. Но, од друга страна, оптоварени од негативните искуства од дејствувањето на традиционалните политички партии, политиката сѐ повеќе се доживува како нешто непринципиелно, во кое чесните граѓани не би требало да се впуштаат. Во таа точка се случува внатрешниот судир во свеста на граѓаните дали треба да заземат политичка страна за да придонесат за одредено подобрување во општеството или, пак, без партиско инволвирање да се заинтересираат и да учествуваат во таа промена. Дали граѓанскиот активизам има шанси да успее во своите поставени цели, покрај добро организираните партиски структури со сопствени интереси? Односно, дали е можен општествен активизам без партиска инволвираност со потенцијална теснопартиска девијација?

– Во суштина, секој граѓански активизам претставува политички активизам, зашто има цел да предизвика одредени општествени промени. Притоа не е исклучено, ниту постои забрана граѓанските движења да добијат поддршка и од политички партии, но сѐ додека одлуките за активностите се носат надвор од партиската хиерархија и инфраструктура – тоа претставува граѓански активизам. Врз основа на искуствата од граѓанскиот активизам кај нас и во регионот, може да се заклучи дека граѓанскиот активизам може да успее и без поддршка од политичките партии, но реализацијата оди многу потешко. Додека со поддршка на одредена организирана структура, во смисла на мобилизација на стручни капацитети во спроведување на активностите за реализација на одредена иницијатива, како и комуникација со јавноста, сѐ е многу полесно. Но истовремено, со поддршката на организирани партиски структури, се зголемува ризикот за замаглување на границата за независноста во одлучувањето на граѓанското движење – размислува Павле Богоевски, граѓански активист, кој одреден период беше и пратеник во македонското собрание, како дел од пратеничката група на владејачката коалиција.

Вообичаената перцепција, која не е исклучено и да е предрасуда, дека граѓанскиот активизам е предигра, или затскриена форма на партиски активизам, на карактеристичен начин ја оспорува Петар Богојевски, порано на висока партиска позиција во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кој сега активно го промовира и работи на омасовување на граѓанското движење „Македонски концепт“. И покрај сѐ уште активното членство во партијата, Богојевски има намера со „Македонски концепт“ да учествуваат на претстојните парламентарни избори со граѓански листи.
– Граѓанскиот активизам е нужен во услови кога политичките партии или државните институции не се во можност да дејствуваат во дадената ситуација. Секако, за да дојдеме до реализација на целите и задачите, мора да се промовираат идеите пред јавност, но и да се дејствува на изборите со граѓанска понуда, ослободена од стегите на дневната политика.
Постои можност граѓанските листи да се факторизираат на избори и доколку кандидатите на изборните листи успеат да освојат места во парламентот, тогаш граѓанската иницијатива сигурно ќе успее да ги направи промените што му се неопходни на општеството – а тоа е отстранување на влијанието на корумпираните и криминалните политички елити.
Што се однесува до регионот, граѓанските активисти имаат општа перцепција дека слични проблеми ги оптоваруваат граѓаните и во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, односно дека општествата ги има преземено корумпираната политичка елита. Заеднички е впечатокот дека граѓаните немаат на кого да се потпрат, освен сами на себе. Целта на граѓанскиот активизам е создавање општество на заинтересирани луѓе што ќе знаат да го сменат системот.

– Незадоволството на граѓаните расте, но расте и граѓанската свест за можноста за дејствување или за можноста за влијание на промените. Граѓаните препознаваат дека се менува квалитетот на животот, препознаваат стеснување на опсегот на нивните права и се борат против тоа – вели Ловорка Бачиќ од Центарот за мировни студии во Загреб.
Во ситуација на општества целосно преземени од политичките елити, се поставува прашањето дали граѓаните мора да ја преземат улогата на државата на себе.
– На секој агол на граѓаните им се говори на директен или индиректен начин дека не треба да се вклучуваат во нешто над што државата држи монопол, а тоа се всушност сите животни прашања… Каде и да загребете, ќе видите дека живееме во едно општество грабнато од политичките елити и како граѓанин мора да се борите за нешто што ви припаѓа според сите закони и логика – вели Радомир Лазовиќ, граѓански активист од Белград, Србија.

Угљеша Вуковиќ, истражувач на Транспаренси интернешнел од Сараево, смета дека граѓанските активисти често се цел на јавен линч и за таков активизам сепак е потребна и храброст.
– Целта на граѓанските акции е социјална промена, со или без помош на власта, а нивните настапи често се против постојните закони, држави и политичари на власт. Активистите се често на нишан на јавниот линч, парични казни и апсења… Зошто треба да се биде храбар во пронаоѓањето на начините да се разбудат сограѓаните, како со активизам да се постигне целта – вели Угљеша Вуковиќ.