Политичарите се ликот на својот народ

110
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Актуелните настани во врска со несоодветните истапи на неколку носители на јавни функции, не само што не мотивираат корекција кај политичарите во „моралното“ поведение туку, напротив, генерираат односи што можат да бидат уште понедолични и во однесувањето на нивните колеги, но и пошироко, за граѓаните. Тоа е една спирала што влече надолу, за да се доурнисааат и онака урнисаните демократски поведенија во земјата

Приближно три децении по воведувањето на политичкиот плурализам и практикувањето на демократијата, во Македонија сѐ уште политичката одговорност важи за „мислена именка“. Она што во западните демократии е долгогодишна практика, во нашата држава сѐ уште како правило на востановено однесување, јавно вербално или писмено изразување, се игнорира. Однесувањето, говорењето и работењето на јавните личности особено на оние што се носители на јавни функции секогаш по непишано правило е под лупата на јавноста.
Со чест на исклучоци, политичарите низ сите овие години на независност како да забораваат дека со нивниот избор на функција, тие стануваат „ликот и опачината на своите сограѓани и на својот народ“. Нивното однесување во јавноста подразбира и пример за другите граѓани, кои ги избрале нив како лидери.
Последната лавина на неконвенционално изразување на политичарите беше регистрирана викендов на социјалните мрежи од страна на пратеникот од Левица, Димитар Апасиев. Неговата т.н. објава содржеше одредница со која се дискредитира државна функција.

Последователно, политичките опоненти на Апасиев го сторија сличното. Најпрво градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изјави дека Македонија има свој Шешељ што има коса и брада, а потоа уште еден негов сопартиец, Костадин Костадинов, лидерот на Левица го нарече „фашист“.
Но, за жал, ова не е единствен случај што го памети македонската јавност во кој политичарите на ваков начин комуницираа меѓу себе сите овие изминати години.
Политиколозите и комуниколозите со кои се консултиравме велат дека големиот број скандали со ваков профил низ годините, ретко биле мотив за лична и морална одговорност кај највисоките политички актери во државата.
Оттука, во сублимиран заклучок упатените истакнуваат дека не е за чудење што и актуелните настани не само што не мотивираат корекција кај политичарите во „моралното“ поведение туку, напротив, генерираат односи што можат да бидат уште понедолични и за нивните колеги, но и пошироко, за граѓаните.

Тоа е една спирала што влече надолу, за да се доурнисааат и онака урнисаните демократски поведенија во земјата.
Политикологот Милан Стефаноски, основниот проблем на овие настани го гледа во непостоењето ефикасен систем, во кој политичарите би одговарале пред законот доколку тие во својот говор навредат или омаловажат свој политички противник.
Тој вели дека науката на политичкиот говор разликува критика од навреда, но, за жал, одговорното политикантство од нивото на ЕУ и на САД очигледно сѐ уште е далечно за нашите политички елити.

Комуникологот Бојан Кордалов, пак, во своја изјава на темава вели дека најголемите партии во земјата треба да дадат пример и да престанат со лошиот наратив.
– Политиката значи дебата, креирање јавно мислење. Политиката има правила на игра, нашиот народ е зрел, има начини како да се кажат некои работи без да навредите некого или да предизвикате раздор и со тоа да се изгради општество на дебата, а овие кратки патеки нема да опстојат долго – вели Кордалов.

[email protected]