Во усвоената декларација на самитот, Унијата официјално само ја задржува поддршката за интеграција на земјите од Западен Балкан, но без прецизирање на временскиот рок. Како своевидна економска компензација, на регионот му се ветени девет милијарди евра за инфраструктурни проекти и е најавено иницирање инвестиции во вредност од 30 милијарди евра. Македонија, пак, доби нови условување и уцени од страна на Бугарија, испорачани од претседателот Радев

ШТО ДОНЕСЕ САМИТОТ ЕУ – ЗАПАДЕН БАЛКАН

Самитот ЕУ – Западен Балкан, во организација на словенечкото претседателство со Унијата, кој вчера се одржа во Брдо, кај Крањ, според проследувачите на процесите во ЕУ, заврши без некои договори и ветувања за поместување на позициите во односите меѓу земјите-членки и шесте кандидати од регионот, кои со години веруваат дека ќе стигнат до полноправно членство. Според некои аналитичари, иако ЕУ во Декларацијата на самитот официјално само ја задржува поддршката за интеграција на земјите од Западен Балкан, но без прецизирање на временскиот рок (словенечкото претседателство предложи краен рок за прием на кандидатите до 2030-та), сепак тоа е исчекор напред, со оглед на изразеното нерасположение на неколку земји-членки за понатамошно проширување. Временскиот период останува отворен, а напредокот кон ЕУ ќе зависи од напредокот на секоја од земјите кандидати. Дипломатските извори од Брисел уште пред самитот брифираа во насока дека „не може да се каже дека вратата за членство во ЕУ е затворена, но кога е во прашање проширувањето -тоа е сложен процес и има голем број предизвици, важен е мерит-системот, како и реформи, особено во борбата против корупцијата и криминалот и владеењето на правото“. Всушност, ЕУ ја реафирмира поддршката за регионот, но таа ќе биде условена со нејзиниот капацитет за проширување?!
На самитот му претходеа информации дека ЕУ веќе не може да дава гаранции за проширување со земји од Западен Балкан, што навистина беше демантирано од челниците на Унијата, но резервираноста во однос на проширувањето во голема мера го одреди тонот на самитот. Сепак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, во своите изјави за време на самитот во Крањ, Словенија, често ја потенцираа евроинтеграцијата на Западен Балкан.

Што очекуваше, а што доби Македонија од самитот во Словенија

Иако самитот формално не беше за проширување, сепак лидерите на земјите од регионот очекуваа потпишување декларација што треба да го покаже заедништвото на ЕУ за оваа тема. Всушност, на лидерите од земјите од Западен Балкан, од сите теми на самитот, главниот интерес им беше насочен токму кон проширувањето. Оваа тема е речиси суштинска за Македонија, особено што по потпишувањето на добрососедските договори, со кои направи болни отстапки во однос на својот национален идентитет, пред две години Франција и Холандија го блокираа процесот на проширување, а сега е актуелно ветото од Бугарија, која бара признавање бугарски корени во македонскиот идентитет и јазик, што не е прифатливо за македонската страна. Во обид за наоѓање решение за македонско-бугарскиот спор, кој акутно ги блокира македонските евроинтеграции, на маргините од самитот беше организира посредничка средба меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев, на која учествуваа и германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Иако македонскиот премиер на средбата покажал подготвеност за „гледање во иднината“, поздравувајќи го лидерството на претседателот Макрон и канцеларката Меркел, „кои гледаат напред кон иднината и што помагаат при решавањето на балканските спорови од минатото“, бугарскиот претседател Радев испорачал нови категорични услови за Македонија ако сака Бугарија да го тргне ветото за евроинтеграциите. По средбата со Заев, Радев изјави дека очекува потпишување билатерален протокол со Македонија во почетокот на ноември. Во тој протокол, според Радев, точно и прецизно треба да се напишат обврските што ќе ги преземе Македонија.
Очекувам Бугарите, македонските Бугари, да бидат запишани во Уставот на С. Македонија, а историската вистина да се признае, така како што беше признаена историската вистина со Грција и Договорот од Преспа. Очекувам смели решенија во историјата и во учебниците. По потпишувањето на протоколот, тој треба да биде прифатен прво од Собранието на Бугарија, а потоа и во Македонија – ги постави своите услови Радев.
Тој не остави простор за почеток на преговорите без овој протокол и без решенијата што ги напомена. Радев бара гаранции на највисоко ниво, како дел од преговорите, кои најверојатно ќе влезат во поглавјето 35, што ќе бидат и краткорочни, но и долгорочни решенија што ќе го следат целиот тек на преговорите на Македонија.
Ваквата позиција на Бугарија, искажана на самитот, личи на засилување на уцените спрема Македонија и на своевиден начин ја депласира дури и „изнудената“ волја на ЕУ за проширување, искажана во официјалната декларација.

Економска поддршка за Западен Балкан како компензација за (не)проширувањето на ЕУ?

Недостигот од политичка волја за проширување и напредок (во земјите од Западен Балкан), одредени аналитичари оценуваат дека врвот на ЕУ сака да го компензира со пари. Девет милијарди евра би требало да се слеат во Западен Балкан во наредните години. Освен тоа, треба да се иницираат инвестиции во вредност од 30 милијарди евра. Со овие средства треба да се поттикнат итно неопходни инфраструктурни проекти, да се изгради патна и железничка инфраструктура, да се модернизираат телекомуникациите и здравството. ЕУ сака да се ангажира и во борбата против коронавирусот и при доставувањето вакцини. Но, во студија на фондацијата „Бертелсман“ и Виенскиот институт за меѓународни економски студии, ЕУ добива лоши оцени за својата досегашна политика на поттикнување. Авторите зборуваат за „калкулиран оптимизам“ и објаснуваат дека ветениот економски пакет нема да промени многу во лошата економска ситуација на Западен Балкан, туку „ќе донесе повеќе од истото тоа“.
– Досегашната стратегија на ЕУ, преку регионална економска интеграција да се форсира процес на економско надоместување на западнобалканските држави и да се решаваат политички конфликти, не беше успешна – смета Штефани Вајс, ЕУ-експертка во фондацијата „Бертелсман“ во Брисел.
Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, како што се вели, економски каскаат многу зад источните и југоисточните членки на ЕУ.
Директорката на Институтот за европска политика – Скопје, Симонида Кацарска, смета дека финансиската поддршка на ЕУ, колку и да е значајна, не може да биде компензација за веродостојноста на ЕУ во однос на ветувањата за проширување спрема земјите од Западен Балкан.
– Финансиската поддршка од ЕУ е значајна мотивација, но не може да се третира, како што велите, како компензација за застојот во проширувањето. Европската Унија е успешна во поттикнување на демократската трансформација на општествата кога перспективата за членство дејствува истовремено со финансиска поддршка за тешките реформи, како што знаеме од претходното проширување. Впрочем, во кое било сценарио досега средствата за Западен Балкан не се одблиску до она што би го добиле државите од структурните фондови како членки, или пак и ако споредиме со поддршката што беше обезбедена на земјите од источното проширување – вели Симонида Кацарска.
Инаку, шефовите на држави и влади го задолжија шефот за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, да подготви текст за „стратегиски компас“, кој ќе биде претставен во ноември, а лидерите повторно ќе дебатираат во декември, со цел да го одобрат следниот март.
Многу сме свесни дека светот се менува во геополитичката рамнотежа на силите. Постои голем биполаритет помеѓу Кина и САД од една страна, а од друга страна има а мултиполарност на актерите, а Европејците треба да дејствуваат. Европејците треба да создадат заедничка стратегиска култура, да ги споделат предизвиците со кои се соочуваат, а тоа е и стратегискиот компас – рече Борел, заминувајќи од состанокот.