Поделбата на имотот на СФРЈ на половина пат

424
Фото: Игор Бансколиев

Според информациите од МНР, повеќе од половина од дипломатско-конзуларниот имот на СФРЈ веќе е распределен меѓу државите-наследнички, а Република Македонија доби имоти во Париз, Рим, Атина, Цирих, Канбера и финансиски средства од продажбата на резиденцијата на СФРЈ во Њујорк, и во понатамошната распределба очекува да ѝ припаднат и други имоти, вклучувајќи и финансиски средства од заеднички продажби на имоти, договорени меѓу државите-наследнички

Распределбата на имотот, но и на долговите на поранешната СФРЈ, заедно со поделбата на сопственоста на некогашната Југословенска народна армија (ЈНА), се теми што изминатиов период добија актуелност во домашната и во регионалната јавност.
Темата се популаризираше откако низ регионалните медиуми проструија информации за процесот за сукцесија на поранешна СФРЈ во делот на распределбата на движниот и на недвижниот имот на некогашната Југословенска народна армија (ЈНА), но и околу обврските за плаќање на долговите останати од Титовата држава. Бидејќи и нашата држава очекува дел од распределбата на имотот, нашиот весник побара мислење како од македонска перспектива се гледа на овие случувања и на кој начин и со каква стратегија државата учествува во процесот на сукцесија на поранешната СФРЈ.
Од Министерството за надворешни работи за овие актуелни случувања објаснуваат дека распределбата на државниот недвижен и движен имот на поранешна СФРЈ е регулирана со Спогодбата за прашањата за сукцесијата склучена меѓу државите-наследнички на СФРЈ во Виена на 29.7.2001 год. и ратификувана од Собранието на Република Македонија на 30.1.2002 год.

– Анексот А од спогодбата поконкретно го утврдува начинот на распределба на државниот недвижен и движен имот на поранешната СФРЈ, не вклучувајќи ја распределбата на дипломатско-конзуларниот имот на поранешната СФРЈ, која е регулирана со анексот Б од спогодбата, а анексот А утврдува и правна рамка за распределбата на материјалниот движен воен имот на СФРЈ, вклучувајќи ги и движниот и недвижниот имот на поранешната ЈНА користен за цивилни потреби – објаснуваат од МНР.

Од Министерството нагласуваат дека имплементацијата на анексот Б е во најнапредна фаза, односно повеќе од половина од дипломатско-конзуларниот имот на СФРЈ веќе е распределен меѓу државите-наследнички, а Република Македонија доби имоти во Париз, Рим, Атина, Цирих, Канбера и финансиски средства од продажбата на резиденцијата на СФРЈ во Њујорк, а во понатамошната распределба очекува да ѝ припаднат и други имоти, вклучувајќи и финансиски средства од заеднички продажби на имоти, договорени меѓу државите-наследнички.

– Што се однесува до имплементацијата на анексот А од спогодбата може да се каже дека е во почетна фаза, бидејќи Заедничкиот комитет за сукцесија на недвижен и на движен имот надлежен за истата таа сѐ уште не одржал состанок – велат оттаму.

Во делот што се однесува на имотот на ЈНА, од МНР велат дека наводите дека Комитетот (мешовитата комисија) почнал состанок на почетокот од месец септември 2018 год. во Белград не се точни, но точно е дека во цитираниот период постоеше иницијатива од Управата за имотноправни работи на Србија да организира состанок, при што истиот тој не се одржа, односно се одолжи – објаснуваат од МНР.

Оттаму потврдија дека Комитетот има надлежност да расправа и да одлучува за распределбата на недвижниот и на движниот имот на СФРЈ, освен за воениот имот, кој според одредбите на анексот А подлежи на посебни аранжмани меѓу засегнатите држави-наследнички на СФРЈ.

 

Сѐ уште се враќаат долговите на Тито

Во контекст на овие актуелни случувања, неодамна белградскиот весник „Блиц“ напиша дека на адреса на тамошната влада пристигнале сметки од долговите на Југославија од времето на владеењето на Јосип Броз Тито.
Весникот информира дека станува збор за долгови што се исклучително високи и стари меѓу 40 и 48 години.

– Овие долгови што доспеале во 2018 година во Белград се однесуваат на функционирањето на Југославија, а потекнуваат од неколку меѓународни финансиски тела меѓу кои најпознати се „Парискиот клуб на доверители“, кој треба да наплати приближно 121 милион евра, „Лондонски клуб на доверители“ кому СФРЈ му должи 152 милиони евра и Светската банка, чии долг за кредит изнесува 65,6 милиони евра – пишува весникот.

Според медиумот, камата на овие кредити подигнати од Југославија во 1940-тите била фиксна и таа изнесувала седум проценти годишно.
Медиумот пишува дека Србија, сепак, изминативе години успеала да врати долг кон ЕУ направен во време на заедничката држава, иако финансиските издатоци за тој долг долго време не биле намирувани од државата и практично биле стопирани во период меѓу 1992 година и 2002 година.

Што се однесува до Македонија, познавачите на случувањата објаснуваат дека Македонија за разлика од Србија веќе наголемо го вратила својот дел од пакетот на заедничките долгови на СФРЈ и навремено потпишала усогласени договори со меѓународните економски институции за намирување на овие долгови.

αУниверзитетскиот професор, поранешен министер и поранешен гувернер Љубе Трпески на оваа тема објаснува дека нашата држава конкретно со доверителите од кои некои сега се споменуваат во белградскиот печат уште во 1995 година по завршените преговори го регулирала долгот кон ММФ, Светската банка и разните видни доверителски клубови како Лондонскиот, Парискиот, Кувајтскиот, Токискиот и други.

– По склучувањето посебни договори со овие институции нашата држава почна да си го враќа долгот постепено врз основа на утврдените посебни рати и некои од овие процеси се завршени, а некои најверојатно сѐ уште траат. Прва од државите на некогашната Југославија што почна да се раздолжува кон странските доверителите по распадот на СФРЈ беше Словенија, која истовремено во 1990-тите го презеде можеби најголем дел од колачот. Слично, навремено неколку години подоцна но со помала сума, односно пропорционално со својот ефект дејствуваше и Македонија – објаснува Трпески.

Тој истакнува дека овие случувања во Србија сѐ уште се актуелни бидејќи тие поради ембаргото на нивната држава од меѓународната заедница долг период не беа во можност да ги намират своите долгови кон странство од времето на СФРЈ и можеби во овој момент тие сега го прават она што нашата држава го стори во 1990-тите.
Професорот истакнува дека дополнително во овој момент Србија ги враќа и парите за Косово бидејќи таа земја сѐ уште нема дефинирано јасен статус околу ова прашање.
Според Трпески, во слична ситуација со Србија денеска единствено можеби се Црна Гора и Босна и Херцеговина од другите републики, кои исто така поради одредени добро познати причини навремено не беа во можност да го регулираат долгот.

Фото: Дарко Андоновски