Поддршка од Шведска за европските интеграции и демократските процеси во земјава

102

Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во Стокхолм се сретна со Стефан Ловен, премиер на Шведска.

На средбата е изразена поддршка за европските интеграции и констатирано е дека нашата земја направи видлив реформски прогрес во делот на правосудството, борбата против корупцијата, добрососедските односи и дека тоа треба да биде вреднувано со исчекор во евроинтеграциите.

Порачано е дека Македонија може да смета на поддршката од Шведска и во иднина.

Премиерот Заев и вицепремиерката Шекеринска се заблагодарија на премиерот Ловен и на Шведска за постојаната поддршка на демократските процеси и на сите клучни политички процеси за напредокот на земјава.

-Работиме на реформите и понатаму со став дека европските перспективи за нас како држава немаат алтернатива. Во очекување сме и на заокружување на НАТО-интеграциите. На нашата држава, како и на Западен Балкан и на Европа им се потребни стабилност, просперитет и развој. Потребна им е одржливост. Тоа се процеси во коишто Шведска дава водечки придонес, за што сме благодарни – порача премиерот Заев.

За време на посетата Заев и Шекеринска остварија средба и со вицепремиерот на Германија, Олаф Шолц.

На средбата е пренесена силна порака на поддршка од германската Влада за реформските постигнувања на нашата држава.

Констатирано е дека е важно да продолжи проширувањето на ЕУ, како за Македонија, така за целиот регион, во поглед на стабилноста и натамошниот развој на демократските вредности.

-Работиме на реформите и понатаму, градиме едно општество за сите и работиме на добрососедските односи, ги негуваме европските вредности. Посветени сме на подобар живот за нашите граѓани, економските параметри растат. Нашето место е во Европа – рече Заев.