Од вкупно 145 регистрирани учесници во изборната кампања во Централниот регистар за локалните избори во 2021 г., Државниот завод за ревизија поднесе до Државната изборна комисија предлог за запирање на средствата за надомест на трошоците за финансирање на изборната кампања за 84 учесници, од кои 64 не доставиле навреме извештаи со обрасци за примените донации на трансакциска сметка за финансирање на изборната кампања, а 20 учесници доставиле извештаи за кои се утврдени неправилности во содржината

ПОРАДИ ТОА ШТО ВООПШТО НЕ ГИ ПРИЈАВИЛЕ ДОНАЦИИТЕ ИЛИ НЕУРЕДНО ГИ ПРИЈАВИЛЕ

Разногласие во државните институции имаше деновиве во однос на јавно изнесените и службено (не)пријавените наводи за „нелегално финансирање на некои од кампањите за локалните избори“, меѓу кои, и тврдењето на премиерот во оставка Зоран Заев, веднаш по завршувањето на гласањето, дека на овие избори видливи беа многу пари на терен кај опозицијата, дојдени доминантно однадвор.

Забелешка од Заев, но и забелешка и од набљудувачката мисија на ОБСЕ

Со изјавата на Заев, на самиот почеток на мандатите на новите локални власти, премиерот, но и некои други учесници во изборите, ја доведоа во прашање нивната отпорност на корупција, но ниту од партијата на Заев, ниту од владините служби не ги објаснија овие наводи во деновите што следуваа. Покрај тоа, имаше забелешка и од набљудувачката мисија на ОБСЕ дека „натпреварувачите во вториот круг требаше да достават финансиски извештаи за донации добиени ден пред вториот круг, но тие не беа објавени“, што, според нивната оцена, ја намалува транспарентноста на целиот процес.
Во меѓувреме, од Јавното обвинителство и од Антикорупциската комисија завчера го повикаа Заев да достави докази за наводите за нелегално финансирање на кампањата.
– Ние го следиме финансирањето на партиите и ќе следува извештај за тоа каде што ќе се види кои се биле донатори на партиите – изјави претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.
А според информацијата добиена вчера од генералната секретарка на комисијата, Ирена Поповска, во меѓувреме, немало никакви промени.
– Сметано од 1.11.2021 година до денес по однос на ова прашање нема промена – одговори вчера Поповска.
И според раководителот на Секторот за континуирани обуки, односи со јавноста и меѓународна соработка во Државната изборна комисија, Адмир Шабани, до нив до вчера не пристигнале докази за изнесените наводи.
– Доколку ги имаше, ние досега секако ќе одржевме седница и ќе се произнесевме за нив – изјави Шабани.

ДЗР поднесе предлог за запирање на средствата за надомест на трошоците за
финансирање на изборната кампања за 84 учесници

Од Државниот завод за ревизија излегоа со информации што би можеле да упатуваат на одредени недоследности.
– Од вкупно 145 регистрирани учесници во изборната кампања во Централниот регистар за локалните избори во 2021 г., Државниот завод за ревизија поднесе до Државната изборна комисија предлог за запирање на средствата за надомест на трошоците за финансирање на изборната кампања за 84 учесници, од кои 64 не доставиле извештаи со обрасци за примените донации на трансакциска сметка за финансирање на изборната кампања на 11-от ден од денот на изборната кампања, а 20 учесници доставиле извештаи за кои се утврдени неправилности во содржината – се вели, меѓу другото, во информацијата од Заводот за ревизија.
Оттаму напоменуваат дека, во согласност со законот, за овие прекршувања е пропишана глоба во износ од 9.000 евра во денарска противвредност, која ќе им се изрече за прекршок на политичка партија, коалиција, односно независен кандидат ако не поднесат извештај за финансирање на изборната кампања во предвидениот рок.
Претходно и Обвинителството повика секој што има сознанија за сторено кривично дело поврзано со финансирањето на изборната кампања да ги пријави до надлежните органи и да приложи соодветни докази.
– Јавното обвинителство ги следи сите информации и ќе постапи доколку бидат утврдени елементи на сторено кривично дело. Во исто време, секој што поседува сознанија за сторено кривично дело има обврска да ги пријави до надлежните органи и да приложи соодветни докази. До овој момент до Јавното обвинителство не е доставена таква пријава – информираа вчера попладне од службата за односи со јавноста при Обвинителството.
Во однос на тоа дали и како Обвинителството евентуално понатаму ќе постапува по јавно изнесените наводи за нелегално финансирање на кампањата, како што велат, ќе имаат соодветно известување. ​​
Инаку, сите учесници на локалните избори во 2021 г. беа должни еден ден по завршувањето на изборната кампања, односно еден ден пред одржувањето на вториот круг на гласањето, 30 октомври годинава, да изготват и да достават до Државниот завод за ревизија, Државната изборна комисија и Државната комисија за спречување на корупцијата извештај со образец за примените донации на трансакциската сметка за финансирање на изборната кампања. Д.М.М.