Пет столба на кои партиите ќе ја темелат кампањата

177

„Нова Македонија“ направи кратка анализа и ги праша најголемите партии кои ќе бидат нивните приоритети на кои ќе ја темелат и водат претстојната изборна кампања во земјава? Во што се слични, а во што се различни одговорите што ги добивме

Македонија полека влегува во предизборна атмосфера при што политичките субјекти секојдневно отвораат и загатнуваа најразлични теми во обид да го привлечат вниманието од јавноста и гласачите. Иако програмската понуда на политичките субјекти сѐ уште не е обелоденета, од јавните настапи на политичарите и на лидерите на партиите како да се наѕираат контурите и фокусот на кампањата, со која политичките партии ќе се впуштат во лов на гласови. Во таа насока „Нова Македонија“ ги запраша најголемите партии од македонскиот, но и од албанскиот блок кои, всушност, ќе бидат нивните пет столба и приоритети на кои ќе ја темелат и водат претстојната изборна кампања во земјава? Од одговорите што ги добивме произлегува дека генерално сите партии планираат да се фокусираат на економијата, судството, животната средина, инвестициите и слично.

Правната држава, економијата, екологијата, вработувањето и борбата против криминалот и корупцијата се петте столба и теми на кои ќе се фокусира најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ во претстојната изборна кампања. Како што ќе се наближуваат официјалниот почеток на кампањата и денот на изборите, од ВМРО-ДПМНЕ за „Нова Македонија“ велат дека тие дополнително ќе ја прошируваат и надградуваат нивната програма со која ќе настапат пред граѓаните за изборите.
– Столбовите на кои се фокусира ВМРО-ДПМНЕ во претстојниот период на кампањата ќе бидат обновата на Македонија преку враќање на довербата во правната држава и правните принципи, економијата, вклучувајќи ги и инвестициите, но и вработувањата. Овие сфери ќе бидат за нас клучните теми на кои ќе се темели кампањата, кои, пак, во исто време се и врвот на потребите на македонските граѓани. Понатаму нераздвоен дел ќе бидат и темите за правда и правна држава, а ништо помалку важно нема да бидат и решавањето на проблемите со животната средина и темите поврзани со екологијата. Во основа сите теми произлегуваат од потребата на граѓаните за запирање на лагите, криминалот и корупцијата, но и потребата да се стопира девастацијата на Македонија, како одлика на власта во заминување – велат од ВМРО-ДПМНЕ. На истото прашање од владејачкиот СДСМ ни одговорија дека тие како партија најмногу во претстојниот предизборен период ќе обрнат внимание на задржување на младите во државата и на зголемување на платите и животниот стандард. Според портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, интеграцијата на земјава во НАТО и во ЕУ ќе продолжи да биде приоритет на партијата за и по изборите.

– СДСМ, иако сѐ уште не ја има подготвено изборната програма за претстојните избори, планира да излезе со чесна понуда на програма и кандидати што се професионалци и признаени во своите професии, личности што се препознати од јавноста и кои се подготвени да работат во интерес на граѓаните.
Во таа насока, СДСМ ќе работи најмногу на зачувување на младите во државава преку зголемување на платите. Екологијата и интеграциите и понатаму ќе бидат приоритетите врз кои ќе се гради кампањата за претстојните избори. Секако, во наредниот период ќе има дополнителни револуционерни мерки, кои ќе ги претставиме во јавноста пред граѓаните и ќе ја побараме нивната поддршка за продолжување на европскиот пат на земјава, кој оваа влада го започна – вели Костадинов.

Во меѓувреме Демократската унија за интеграција информира дека партијата веќе ги усвоила програмските определби на кои ќе се темели нивната изборна кампања. Интегративците во таа насока објаснуваат дека партијата уште минатата година во декември ги усвоила и столбовите на кои ќе се темели нивната изборна кампања а тие се именувани како резолуции. Според ДУИ, консензуална интеграција, ветингот во сите сфери на општеството, квалитетот на животот, развојот на работните места за младите и екологијата се сферите во кои партијата ќе се обиде да ги решава проблемите во државата веднаш по изборите.

– ДУИ уште во декември минатата година усвои повеќе резолуции преку кои партијата ќе дејствува во наредниот период и истовремено ќе ги втемели во програмата за претстојните парламентарни избори. Тука од оние најсуштествените ги издвојуваме консензуалноста и интеграцијата како мерка во сите сфери на државата, која многу придонесе и даде резултати во политиката во земјава токму со изборот на консензуалниот претседател Стево Пендаровски. Понатаму, интеграцијата во ЕУ и во НАТО, иако тој процес е започнат, ДУИ планира како да го интегрираме на домашен терен тоа преку едно општество на еднакви граѓани во Македонија со консензуален начин на носење одлуки согласен за сите – велат од ДУИ.

Како приоритет од партијата ДУИ дополнуваат дека, секако, не изостануваат и резолуциите за екологија и издигнување на свеста кај граѓаните околу загадувањето.
– Сите овие сфери претходно наведени во резолуции на партијата ќе бидат темелите врз кои ДУИ ќе ја води претстојната изборна кампања – вели Артан Груби од ДУИ.
Според Груби, ДУИ дополнително планира да ги подобри квалитетот на граѓаните и животниот стандард преку воведување скратено работно време во текот на неделата, како и отворање нови работни места во ИТ-секторот.

[email protected]