Петти протест на ВМРО-ДПМНЕ

267

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ попладнево пред Министерството за правда го започна петтиот по ред тематски протест. Овој протест, како што го најавија, е против сите неправди или како што пишува и на транспарентот што го носат демонстрантите „Против реваншизмот и политичкото насилство“ и „Монструмите на слобода, уставобранителите во затвори“. Колоната граѓани е предводена од претседателот на партијата Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски се движеше од Министерството за правда, како појдовна точка, до Кривичениот суд.

Мицкоски во најавата на протестот, што и овојпат е тематски, во случајот против неправдите, ја обвини власта за водење на антинационална политика што тргува достоинство додека невини лица се наоѓаат во затвори. Како пример за неправда ја посочи потврдената затворска казна за поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но и изречената условна казна за сообраќајката со смртни последици кај Млечен ресторан во Скопје.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ започна со протести на 9 септември. И тогаш се тргна од Министерството за правда до Регулаторната Комисија за енергетика (РКЕ), како крајна дестинација, по одлуката за поскапување на струјата. Просторот околу објектот во кој е сместена РКЕ беше под блокада од автомобили и на 11, односно, 17 септември, а во меѓувреме (15 септември) организира и протестен марш што го наслови „За ЕУ, за Гоце Делчев, за Македонија“.