Перо Иваноски-Тиквар, учесник во НОАВМ и на АСНОМ

197
Фото: Маја Јаневска-Илиева

На 27 јуни 2018 година почина Перо Иваноски-Тиквар. Перо Иваноски-Тиквар е роден на 28 април 1920 г. во Прилеп, во занаетчиска безимотна фамилија. Гимназија завршил во Прилеп. Од својата тринаесетта година работи како калфа. Во 1935 г. како напреден младинец, станал член на СКОЈ, а наредната 1936 г. го истакнал црвеното знаме на Маркови кули во Прилеп. За член на КПЈ е примен во 1938 година. Организациски секретар на Месниот комитет во Прилеп бил од 1940 година, кога се среќава со Светозар Вукмановиќ-Темпо и со Кузман Јосифовски-Питу. Во април истата година станал организациски секретар на Покраинскиот комитет на КПМ. Во 1940 година бил избран за член на ПК и за делегат на Петтата земска конференција на КПЈ во Загреб и присуствува на неа. Во 1941 г. во време на фракционерските борби, застанал на страната на Методија Шаторов-Шарло. Согледувајќи ги грешките на политиката на Шарло, му се приклучил на новоизбраниот ПК на КПМ.

Во 1942 г. станал секретар на МК-Скопје и член на Покраинскиот штаб. Истата година им се придружил на партизаните на качанички терен, а потоа и на велешкиот терен каде што станува член на оперативниот штаб. Во 1942 г. е затворен од бугарската полиција и осуден на 15 г. затвор. Во Идризово издржал 27 месеци затворска казна, сѐ до 27 јули 1944 г. кога со група затвореници успеал да избега. По бегството од затворот, на кумановски терен ѝ се приклучил како борец на Третата МНОУ-бригада. Како борец на бригадата учествува во борбите на Табановце, Глишиќ, Лојане, Кратово. На 2 август 1944 г. е избран за член на АСНОМ и учествува на Собранието во манастирот „Прохор Пчињски“.

Со формирањето на 11-та МНО-бригада на 29 август 1944 г. во селото Пелинце – Кумановско, бил политички комесар на бригадата, до 25 септември 1944 година. Како борец на бригадата учествувал во борбите на Страцин на 5 септември, потоа ослободувањето на Кратово и на Пробиштип на 8 септември 1944 г. Учествува во разоружувањето на бугарската дивизија кај селото Довезенце и ослободувањето на Свети Николе. На 20 септември 1944 г. во селото Горно Врановци, Велешко, влегува во состав на Третата МНОУ-бригада. Како борец на оваа бригада на 28 септември 1944 г. влегува во состав на 48-та македонска народноослободителна дивизија и станува политички комесар на дивизијата. Учествува во ослободувањето на западниот дел на Македонија.

По ослободувањето учествува во обновување на земјата како успешен општественик и стопанственик.
Како член на Сојузот на борците на Македонија 1941-1945, активно учествува во неговата работа во зачувување и негување на придобивките од државотворната Народноослободителна и антифашистичка борба. Неговото учество во македонската револуционерна борба е од големо значење. Сојузот на борците на Македонија на последното простување му благодари за целиот живот и дело. Нека му е вечна слава.

(Градски одбор на Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи)