Перманентна хипокризија на меѓународната заедница спрема Западен Балкан

227

Впечатокот во македонската јавност, додека се очекува (и одложува) исполнувањето на ветувањето од европските лидери, е дека ЕУ повторно дрибла со нови изговори, со кои би ја оправдала својата политика на два колосека спрема Македонија и Западен Балкан

Тридецениското тапкање во место на Македонија во нејзините евроатлантски аспирации, кои ги постави како стратегиска цел уште на почетоците од својата самостојност, досега од меѓународната заедница беше „брането“ со Грција. Но веќе помина една година од потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, беа преземени статусни политички промени за исполнување на обврските од тој договор, а Европската комисија по десетти пат со својот извештај даде само предлог за започнување на преговорите на земјава за членство во ЕУ…, а сигналите на меѓународната заедница, т.е. ЕУ и понатаму се дека Македонија повторно ќе биде оставена во чекалницата за евроинтеграции. Водечките луѓе на Унијата, како претседателот на Франција – Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, кои отворено поттикнуваа дека со прифаќањето на Преспанскиот договор од македонска страна, ќе биде исполнет клучниот услов за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, во моментите пред вистинската одлука (самиот на Советот на Европа), ретерираат од своите (навистина имплицитни) ветувања. По исполнување на „клучниот услов“ за Македонија, сега за добивање датум за почеток на преговорите се поставуваат нови услови и европската перспектива на земјава се врзува со еден ирационален „пакет“, а имено, подготвеноста на Албанија за членство во ЕУ!? Всушност, впечатокот во македонската јавност, додека се очекува (и одложува) исполнувањето на ветувањето од европските лидери, е дека ЕУ повторно бара нови изговори со кои би ја оправдала својата хипокризија спрема Македонија во контекст на интегрирањето.

Сомнежите за лицемерство во намерите на меѓународната заедница спрема Западен Балкан воопшто, ги детектира и објаснува и политичката истражувачка Невенка Тромп, од Универзитетот во Амстердам (Холандија) и членка на истражувачкиот тим на Меѓународниот трибунал во Хаг, за судењето на Слободан Милошевиќ.

– Тоа е многу перфидна игра на меѓународната заедница. Кога гледам на тој аспект на Западен Балкан, кој е постојано во некаква соба за чекање пред ЕУ и НАТО, посакувам да направам аналогија со Германија по Втората светска војна. Замислете ја Германија по Втората светска војна, која би требало да ги исполни сите овие услови од Копенхашките критериуми за да стане членка на ЕУ. Таа никогаш не би го постигнала тоа. Но што се случи со Германија тогаш? Се случи една феноменална работа!

Германија беше прифатена како партнер, како важна земја во Европа и беше вклучена во Маршаловиот план. Замислете да се спроведеше Маршаловиот план за изградба на Европа, од кој би била исклучена Германија? Такво нешто направија сојузниците по Првата светска војна (ја исклучија Германија) и се случи Втората светска војна. Таквата аналогија на чекање, земјите од Западен Балкан да исполнуваат постојано нови услови за членство во ЕУ и во НАТО, како да не се случила војна на овие простори и меѓународната заедница да немаше голема улога во сето тоа, е апсолутно манипулаторска. Тука се гледа таа страшна хипокризија на меѓународната заедница. Во исто време се гледа дека тие имаат некоја сосема друга цел со Западен Балкан, од оној на кој се надеваат земјите на регионот – вели Невенка Тромп.

Причините за таквата хипокризија на меѓународната заедница, пред сѐ на ЕУ спрема Западен Балкан, Невенка Тромп ги согледува во геостратегиските проекции на големите сили во периодот кога се наѕираше крајот на Студената војна. Од своите истражувања, Тромп заклучила дека уште тогаш исламофобијата била дефинирана како своевиден двигател на политичките процеси и средство за одржување перманентна нестабилност во регионот со креирање нефункционални држави.

– Целта за Босна и Херцеговина и на Косово е да се создадат политички и територијално поделени држави, кои во голема мера се нефункционални. Тоа е затоа што сакаат да го намалат политичкото влијание на исламот во Европа. Тие не сакаат во срцето на Европа мнозинска исламска држава. По смртта на Милошевиќ, сфатив дека нема пресуда, но дека имам увид во фантастичен материјал за истражување, кој го собирав и го анализирав за судот во Хаг. Согледав дека меѓународната заедница во планот на Кутилјер етнички ја раздвојува БиХ, уште пред да биде испукан првиот куршум во војната. Меѓународната заедница уште пред војната сакала БиХ етнички да се подели.

Според планот за таквата етничка поделба, Република Српска требало етнички да се хомогенизира. Таквите проекции (уште пред војната) за етничкото разделување и етничката хомогенизација, не се ништо друго туку земање предвид и премолчена согласност за сите злосторства што се случија во војната. Искрено, не сакав да го видам тоа при споредбата на мапите. Но меѓународната заедница, во својата геостратегиска политика за доминација на Европа, во тој период по Студената војна, всушност ја дефинира исламофобијата како нов тренд. Во нашите доказни материјали за Милошевиќ, имаме петмина релевантни сведоци со голем авторитет, кои нам тоа ни го говореа. Всушност, меѓународна заедница уште тогаш во Западен Балкан, а најмногу од БиХ и од Косово, проектирала мал модел на Блискиот Исток.

Со таквата перманентна нестабилност, големите сили, односно западниот свет ги контролира политичките процеси. Ним им е во интерес во овој регион да нема стабилност, да постојат држави што не функционираат – вели Невенка Тромп.
Иако Македонија не се споменува директно во оваа анализа на Тромп, недвосмислено е дека нејзината позиционираност на Западен Балкан и граничната блискост со државите што биле проектирани за „дестабилизирачки нефункционални“ (пред сѐ Косово) наведуваат на заклучокот дека и понатаму нејзиниот евроинтегративен пат ќе биде одреден од хипокритската стратегија на меѓународната заедница.