Пендаровски: Од ЕУ очекувам неодложно да го одредат датумот

66

Секое дополнително одложување на преговорите ќе ја наруши кредибилноста на ЕУ, ќе ги демотивира граѓаните, ќе го забави реформскиот процес и негативно ќе влијае на стабилноста на целиот регион, истакна претседателот Пендаровски

Владата очекува недвосмислена поддршка и неодложно добивање датум за преговори за членство. Ова беше истакнато на меѓународната конференција „Проширувањето на Европската Унија на крстопат“ на Подгоричкиот клуб, што се одржува вчера во Скопје
– Како претседател на Северна Македонија, од Европската Унија очекувам лидерство и решителност, очекувам неодложно да го одредат датумот за да ги започнеме преговорите за членство. Тоа е добитна комбинација за сите засегнати страни – порача претседателот Стево Пендаровски.
Тој посочи дека ЕУ треба да остане доследна на високите очекувања што ги создаде кај граѓаните.

– Доколку на Северна Македонија и на Албанија не им се даде датум за преговори за членство, а на Босна и Херцеговина позитивно мислење за поднесеното барање за членство, наместо суштински напредок во регионот ќе има разочарување. Во однос на најтешките прашања ние го направивме нашиот дел, сега останува на Европскиот совет да го направи својот дел. Да им го даде на нашите граѓани заслужениот датум за почнување на пристапните преговори. Секое дополнително одложување на преговорите ќе ја наруши кредибилноста на ЕУ, ќе ги демотивира граѓаните, ќе го забави реформскиот процес и негативно ќе влијае на стабилноста на целиот регион – појасни Пендаровски.

Според него, само така нашата држава ќе успее да ја надомести изгубената деценија, и од неа да се изгради европска држава и праведно, хумано и напредно општество.
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во своето обраќање рече дека успехот на Северна Македонија треба да биде поттик и за другите земји да го искористат европскиот момент.

– Многупати имам кажано дека ориентираноста на земјите од Западен Балкан кон ЕУ не е поради географски, историски или економски причини, туку целта е да се изгради долгорочно стратегиско партнерство, односно начин како да се променат балканските земји, а ЕУ да нѐ прифати како еднакви – истакна Османи.

На конференцијата имаше и потпишување на декларацијата за важноста од донесување позитивни одлуки на претстојните состаноци на Советот, која беше упатена до највисоките претставници на Европската Унија.
Земјава минатата недела ја доби 12-та позитивна и најчиста препорака во низа досега, за почнување преговори со ЕУ. Сепак, битката за добивање датум за преговори ќе биде на Европскиот совет, кој треба да се одржи за две недели во Луксембург.