Пендаровски: Заев ќе го врати мандатот ако не обезбеди мнозинство

641

Зоран Заев го добил мандатот поради тоа што истекуваат уставните рокови, сепак, ако не успее да формира Влада, мандатот ќе го добие Христијан Мицкоски. Вака претседателот Стево Пендаровски го образложи доделувањето на мандатот на Зоран Заев, по средбата со лидерот на опозицијата.

Пендаровски вели дека од Заев не барал гаранција за 61 пратеник, а нема да бара ни од Мицкоски доколку Заев не успее да ја формира владата.

Наспроти мислењето на опозицијата која тврди дека Собранието не е конституирано зашто не е избран претседател на Парламентот, Пендаровски вели дека со верификација на мандатите на пратениците Собранието е конституирано и тој во согласност со Уставот, мора да го довери мандатот за формирање влада.

Тој образложи дека врз основа на Уставните одредби, но и врз основа на консултациите со еминентни правници, рокот за доделување на мандат започна да тече од денот на верификација на мандатите на 120-те пратеници, потенцирајќи дека според Уставот во тој период е должен да го довери мандатот на кандидатот на партијата или партиите коишто имаат мнозинство во Собранието, или пак на оној којшто го уверил дека преговара со повеќе политички партии за обезбедување мнозинство.

Пендаровски потсети на ситуациите во 2006-та и во 2016-та година, кога со писмо од тогашните претседавачи на Собранието, Стојан Андов и Трајко Вељановски биле известени тогашните претседатели, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов дека со верификација на мандатите на пратениците Собранието е конституирано.

Пендаровски рече и дека е прилично изненаден од начинот на кој бил закажан денешниот состанок, на прес-конференција, со точно утврдено време.

– Пешки да дојдеш од Центар до Вила Водно, ќе се согласите необично е да отидете така до било која институција, особено кај претседател на државата. Со Мицкоски изминативе година дена имавме одлична комуникација, се слушавме и после полноќ. Можевме и поинаку да се сретнеме, но овој кабинет е отворен за сите граѓани на земјата – рече Пендаровски.

По средбата на Пендаровски и Мицкоски која траеше околу час и половина, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека неговата партија ги замрзнува односите и комуникацијата со Пендаровски.