Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на САД

113

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на САД во државава, Кејт Мери Брнс.

– Најнапред, дозволете ми срдечно да ве поздравам и, воедно, да ви посакам искрено добредојде во нашата земја, како новоименуван амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија. Ви посакувам успешно водење на оваа одговорна и ценета мисија – истакна Пендаровски.

Новоименуваната амбасадорка на САД, Кејт Мери Брнс, изрази задоволство за почнување на нејзиниот мандат.

– Ми претставува особено задоволство да го започнам мојот мандат во овој клучен период за односите помеѓу нашите две земји. Со нетрпение очекуваме, до крајот на годината, да и посакаме добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО алијансата. Како сојузници, нашите односи ќе стануваат посилни, поврзани преку нашата заедничка заложба за мир, безбедност и просперитет во регионот и пошироко. Во очекување на овие случувања, ние продолжуваме да работиме врз основа на веќе изградените цврсти темели и на традицијата на партнерство. Повеќе од 25 години работиме заедно и постигнавме многу во унапредувањето на нашите заеднички цели – да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во западните институции и целосно посветена на нашите заеднички вредности – демократија, индивидуална слобода, и владеење на правото – порача Брнс.