Патот до ЕУ е долг, но Македонија веќе измина значителна дистанца

58

Патот до Европската унија (ЕУ) е долг, но Северна Македонија веќе измина значителна дистанца. Сакам да ве охрабрам да продолжите. Словачка ќе биде на ваша страна, бидејќи ЕУ никогаш нема да биде потполна целина без Западен Балкан како нејзин дел, напиша министерот за надворешни и европски работи на Словачка и актуелен претседавач со ОБСЕ, Мирослав Лајчак, на Твитер, по повод неговата посета на Македонија, каде што се сретна со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, како и со претседателот Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски  и Лајчак разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што изразија задоволство од развојот на соработката која бележи континуиран позитивен тренд во повеќе области од заемен интерес, што пак се заснова на искреното пријателство, меѓусебната почит и доверба.

Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија високо ја цени силната заложба и конкретната поддршка од Словачка за добивање датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија, нагласувајќи дека интегрираниот и безбеден регион е еден од суштинските предуслови за стабилна и просперитетна Европа. Во тој контекст, Претседателот го поздрави и ратификувањето на Протоколот, во словачкиот парламент, за членство на Република Северна Македонија во НАТО.

Двајцата соговорници изразија увереност дека Европската унија го препознава напредокот на Северна Македонија и дека ќе го исполни ветеното, оваа година да отвори ново поглавје во односите со нашата држава.