Папас: Преспанскиот договор ќе се спроведува според предвидените рокови

103

Преспанскиот договор е доста детален и спроведувањето ќе се случува со предвидените временски рокови, рече денеска грчкиот министер за дигитални политики и телекомуникации Никос Папас, одговарајќи на новинарско прашање зошто на граничните премини за влез во Грција на граѓаните на Северна Република Македонија покрај печатите во пасошите се уште им се бараат и формулари.

– Вакви забелешки мислам дека ќе се решат според духот на Договорот од Преспа кој се користи веќе активно, дополни Папас на прес-конференција по потпишувањето на Меморандумот за разбирање за намалување на цените во роаминг помеѓу Северна Република Македонија и Република Грција.

Во коментар на изјавата на Апостолос Ѕиѕикостас, префект на грчката област Централна Македонија дека нема да ги промени таблите на кои сега пишува Скопје со новото име на државата Република Северна Македонија, министерот Папас  нагласи оти „нема сомнеж дека Грција апсолутно ќе го спроведе Договорот од Преспа“.

– Конкретниот господин го поддржа Договорот кога беше пратеник од Неа демократија, Договорот од Преспа веќе се спроведува и вакви изјави немаат политичка корист. Тој треба да го разбере тоа. На двете страни постојат политичари кои се обраќаа на својот народ со лаги. Јас припаѓам на оние луѓе кои веруваат во подобро и оти ова ќе престане да се случува, а доколку не престане да се случува да помогнеме и ние, рече Папас.

Во однос на можната соработка во борбата со справување со лажните вести, Папас рече дека на официјално ниво постои соработка помеѓу соодветните агенции, а за ова треба да помогнат новинските организации од двете држави.

– Природата и местото на новинарите е контрола на власта, тоа е суштината на демократијата. самиот Договор од Преспа беше измачен од ширешењето на лажни вести. За нас би било одлично, доколку новинарските заедници во двете држави би почнале со некакви мерки за соработка за да постои и навремено известување и отстранување на лажни вести, рече Папас.

Според Манчевски, единствен начин за борба против лажните вести е едноставно и само вистината и ништо повеќе. Особено Договорот од Преспа беше предмет на огромен волумен на лажни вести од двете страни. Исто така најдобар механизам е денешниот меморандум меѓу двете држави за да нема роаминг, рече Манчевски, најавувајќи уште многу билатерални договори.

Како што рече Папас, откако по 28 години двете држави го склучија Договорот од Преспа ќе биде потребна многу работа затоа што се задоцнило во многу области во кои  можело да се соработува.

– Ќе треба да забрзаме, да се потрудиме и производоството на очигледни резултати ќе ги разубеди дури и луѓето од двете страни кои се со недоверба дека Договорот од Преспа ќе биде корисен за двете страни, наведе Папас.

Тој  е во посета на државава од вчера кога присуствуваше на отворањето на научно технолошкиот парк во Скопје, во присуство на премиерот Зоран Заев и еврокомесарката Марија Габриел.

Меморандумот за разбирање за намалување на цените во роамингот меѓу двете држави е прва конкретна билатерална активност по потпишувањето на Договорот од Преспа.