Папас: Настојуваме да го убедиме и Каменос дека Договорот од Преспа е добар за Грција

111

Настојуваме и скептиците, но и Панос Каменос, да ги убедиме дека Договорот од Преспа ќе биде позитивен и во интерес на Грција, вели министерот за дигитална политика и телекомуникации, Никос Папас во интервју за грчката телевизија Контра.

За решението меѓу Македонија и Грција Папас изрази убеденост дека постои мнозинство во грчкиот Парламент, но и доволно време да се убедат и скептиците, јави дописничката на МИА од Атина.

– Очигледно е дека постојат различни мислења меѓу владините партнери за прашањето за решавање на македонскиот проблем. Сметам дека во овој момент и во грчкиот Парламент постои мнозинство со кое ова решение, што се наоѓа на маса, може успешно да помине. А секако, мислам дека постои и време дури и скептиците да се убедат дека финализирањето на овој договор (бидејќи нашите соседи ќе ги направат предвидените чекори) е во интерес на Грција – вели Папас.

На прашањето дали меѓу убедувањето на скептиците што ги спомена е и коалициониот партнер во грчката Влада, министерот за дигитална политика и телекомуникации вели дека тие настојуваат да го убедат и Каменос дека финализирањето на договорот е позитивно за Грција.