Пандемијата ги зголеми анксиозноста и паничните напади

135

Постојат и случаи каде што тегобите и симптомите опстојуваат, се продлабочуваат и се дополнуваат со нови симптоми и доаѓа до влошување на состојбата. Кај овие лица е неопходно давање анксиолитична или антидепресивна терапија како поддршка во целокупниот третман за надминување на постојните тегоби и симптоми, но исклучиво под надзор и по совет од страна на стручно лице, велат на Клиниката за психијатрија

СТРАВОТ ОД КОВИД-19 И АПСТИНИРАЊЕТО ОД ДРУЖЕЊЕ ГО ЗЕМААТ ДАНОКОТ ОД ГРАЃАНИТЕ

Како последица на ситуацијата што ја живееме во последните четири месеци, сѐ повоочливи сe промените на полето на менталното здравје кај голем дел од популацијата. Ограниченото движење, седењето дома, стравот од самата болест и стресот влијаат помалку или повеќе на сите – на лицата што претходно биле дијагностицирани со психијатриското растројство, но проблеми се јавуваат и кај лица што досега претходно никогаш не манифестирале никакви симптоми на психичко страдање.
За тоа со што се соочуваат граѓаните, дали има тренд на зголемување на бројот на лица што имаат симптоми на анксиозност, панични напади и други состојби, поразговаравме со научната соработничка сци. д-р Елизабет Mицева Величкоска, психијатарка на Клиниката за психијатрија, како и со првиот човек на институцијата д-р Стојан Бајрактаров.

– Ако грубо ги поделиме на две групи, лицата од првата група поради веќе постојната болест и редуцираните адаптивни капацитети, тешко се приспособуваат и справуваат со новонастанатите услови на живеење. Тоа резултира со тоа што им се понагласени веќе постојните симптоми на самото растројство или нивно реактуализирање поради отсуството или намален увид во неопходноста од приспособување и почитување на новонастанатите правила на живеење (носење маска, одржување дистанца, избегнување ризични ситуации, групирања, одржување хигиена итн.) – вели д-р Мицева Величкоска.
Таа истакнува дека голем е бројот на пациенти што самоиницијативно прекинуваат со редовната и неопходна терапија, што е исто така предуслов за влошување на самата болест.

– Со тоа доаѓа до пораст на суицидалноста и суицидалното поведение и ризикот од суицид воопшто, што е апсолутна индикација за хоспитален третман – додава таа.
Уште на самиот почеток на пандемијата, на клиниката имало голем број телефонски јавувања на броевите за психолошка поддршка од страна на лица што првпат тогаш се соочиле со психолошки проблеми од најразличен тип, кои барале помош за тоа како да се справат со тоа што им се случува.
– Кај голем број од лицата присутен беше и сѐ уште е стравот од зараза, лична, но и на најблиската околина. Чувствуваа лутина, тага, бараа соодветни стратегии за надминување на сето тоа. Како доминантно присутна би ја споменала анксиозноста манифестирана кај секого различно, главно со раздвиженост, неможност за фокусирање на секојдневни обврски и активности, несоница, избувливост, промени во дневно-ноќен ритам, но многу често и со напади на паника.

Често кај голем дел од лицата на вака опишаната симптоматологија со текот на времето се надоврзуваа и загриженост, депресивни мисли, катастрофални исчекувања, промени во расположението, безволност. Раната интервенција во ваквите случаи е мошне важна поради фактот што доколку посочените проблеми или симптоми останат непрепознаени или навремено не се интервенира за нивно надминување, истите тие можат да преминат и во вистинско растројство од најразличен тип – објаснува докторката.
Помошта од стручните психолшко-психијатриски тимови помогнала и сѐ уште им помага на граѓаните да ги совладаат новонастанатите непријатни чувства во новата ситуација.
– Ова, кај дел од популацијата резултира со повлекување на тегобите и симптомите за релативно краток временски период без потреба од употреба на медикаментозна терапија. Но постојат и случаи каде што тегобите и симптомите опстојуваат, се продлабочуваат и се дополнуваат со други, нови симптоми и доаѓа до влошување на состојбата. Кај овие лица е неопходно давање анксиолитична или антидепресивна терапија како подршка во целокупниот третман за надминување на постојните тегоби и симптоми, но исклучиво под надзор и по совет од страна на стручно лице – вели докторката.

Сево ова што се случува глобално, влијае и на младата и на повозрасната популација.
– Во однос на возрасната граница, можам да кажам дека со слични тешкотии се соочуваат и помладите лица – адолесценти, кај кои новиот начин на следење на наставата и полагањето испити, отсуството на директната поддршка од колегите, професорите, одвојувањето од друштвото и неизвесниот период што следува, предизвикува промени на планот на емоциите и однесувањето. Затоа апелирам блиските будно да ги следат нивното однесување и промени за да може навремено да се интервенира и да се превенира продлабочување на симптомите и последиците од истото тоа – нагласува докторката.


Ако има одредена индикација, не значи дека пациентот веднаш
е за антидепресиви

Д-р Стојан Бајрактаров, директорот на Клиниката за психијатрија, потврдува дека расте бројот на луѓе што се обраќаат за помош во институцијата.

– Ние психијатрите постојано имаме работа. Не се правени детални истражувања околу трендот на раст на бројот на луѓе со психолошки проблеми во изминатиот период, но дека има пораст, има. Најчесто пациентите се со депресивно-опсесивни симптоми, зголемен е бројот на невротични стравови, и тоа не значи дека се веднаш за на лек, туку можат да се решат и со психотерапија. Сега работиме исто како порано, преку „Мој термин“. Во изминатиот период на луѓето им помагавме преку видеоповици, на телефон, за да не се изложуваат на ризик од вирусот. Има од сите возрасти, оваа ситуација влијае на сите. Имаме и едукации за родители што се обраќаат до нас, бараат совет како да се справат во семејството со своите деца. Тие програми ги организиравме со Министерството за здравство и со УНИЦЕФ – вели директорот.


Стресот за време на заразна болест може да предизвика:

  • страв и загриженост за сопственото здравје и здравјето на блиските;
  • страв за финансиската ситуација;
  • промени во спиењето и во исхраната;
  • тешкотии во спиењето и концентрацијата;
  • влошување на хроничните здравствени проблеми;
  • влошување на менталното здравје;
  • зголемена употреба на цигари, алкохол и други супстанции.