Палмер: Поддршка од САД за интеграцијата во НАТО и ЕУ

77

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес оствари средба со специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер. На средбата беа разменети мислења за билатералните односи, карактеризирани како пријателски и исклучително цврсти. Интеграцијата на нашата земја во НАТО и ЕУ, реформската агенда, како и актуелните политички случувања во регионот исто така беа дел од разговорите.

Неодамнешната посета на државниот секретар Мајк Помпео беше оценета како дополнителна потврда на стратешкото партнерство, заемниот интерес за постојан политички дијалог и за натамошно унапредување на севкупната соработка, соопшти Министерството за надворешни работи.

Министерот Димитров се заблагодари за континуираната поддршка од страна на САД како на билатерален план, така и во насока на остварување на долгогодишните аспирации на Македонија за полноправно членство во НАТО и во Европската Унија. Во тој контекст, се заблагодари за неодамнешната ратификација на Пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО од страна на Сенатот на САД.

Средба со Палмер оствари и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. На средбата стана збор за НАТО перспективата на државата која со ратификацијата во Сенатот на САД и уште 25 земји членки на НАТО е сосема јасна – Македонија наскоро ќе биде потврдена како 30-та членка на НАТО. Високиот гостин од американскиот Стејт Департмент ја реафирмираше поддршката на САД за нашата земја и за европските перспективи на државата.

-Ратификацијата во сенатот на САД и посетата на американскиот државен секретар Помпео се силен доказ за стратешкото партнерство и поддршката од САД за Северна Македонија. Недонесувањето на одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори не ја менува нашата одлука, да работиме на остварувањето на нашите стратешки цели – членството во Европската Унија и НАТО – рече Шекеринска.

Министерката и Палмер заклучија дека соработката во одбраната меѓу двете земји е на највисоко ниво и дека со членството на Македонија во НАТО таа соработка ќе се зајакнува.