Палмер: Верувам дека македонските граѓани ќе ја донесат вистинската одлука на референдумот

58

Верувам во мудроста на македонските граѓани и убеден сум дека тие ќе знаат да ја донесат вистинската одлука на претстојниот референдум, рече американскиот  заменик-државен секретар за Европа и Евроазија Метју Палмер на денешната средба со заменик-министерот за надворешни работи на Македонија Андреј Жерновски во Дубровник.

Палмер и Жерновски имаа средба на  маргините на меѓународната конференција „Дубровник форум“ на која, како што соопшти МНР, заеднички бил заклучокот дека референдумот е историски настан во кој граѓаните треба целосно да се вклучат.

Жерновски имаше средба и со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. Биле разменети мислења за актуелните настани во двете земји.

– Двајцата соговорници беа согласни дека довербата меѓу двете страни се продлабочува. Беше потенцирано дека со конечниот договор за решавањето на прашањето за името се стави крај на разликите кои ги отежнуваа пријателските односи меѓу соседите – наведува МНР. 

Овој Договор, оценил Жерновски, е мостот кој не пренесува од минатото, напред кон иднината.

На маргините на Форумот, заменик-министерот за надворешни работи оствари одвоени билатерални средби и со министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, со високиот специјален пратеник на претседателот Макрон Ален Ришар, како и со својот чешки колега Томас Петричек.