Павле Трајанов е реизбран за претседател на Демократскиот сојуз

76

Со учество на 350 делегати и гости денес пред „Хотелот Белви“ во Скопје, Демократскиот сојуз го одржа Шестиот конгрес, на кој ги презентираше своите програмски приоритети под мотото „За eвропска Македонија“ и учеството на претстојните парламентарни избори.

Павле Трајанов е повторно избран за претседател на партијата, а истовремено е избран и нов Централен совет на Демократскиот сојуз.

Конгресот се одржа во духот на одбележувањето 20 години од формирањето на партијата, за што зборуваше Трајанов.

– Демократскиот сојуз повеќе од дваесет години опстојува на политичката сцена, препознатлив е по своите принципиелни ставови, објективност и искреност. Ние ниту едно значајно прашање не премолчуваме, за се имаме свој став и тој им го соопштуваме на граѓаните – рече Трајанов.

Во своето обраќање Трајанов истакна дека приемот во НАТО е од огромна важност за стабилноста на државата, владеењето на правото и економскиот развој, а одлуката на ЕУ за започнување на пристапните преговори ќе ги забрза демократските процеси и севкупниот развој на Македонија. Промената на името на Република Македонија е најтешката и најризичната одлука за која следните генерации од историска дистанца ќе можат да дадат објективен суд дали ја зајакнале независноста и отвориле перспективи на Македонија.

– На сите ни е јасно дека без договорите со Грција и Бугарија далеку ќе бевме и од НАТО и од ЕУ, и затоа сум против ретроградните идеи со кои се најавува ревизија на договорите, судење за велепредавство и сл. Тоа е манипулација со чувствата на граѓаните – истакна Трајанов.

Врвен приоритет во дејствувањето на ДС ќе бидат младите, со реални системски решенија и конкретни проекти. Ќе се формира посебен фонд со кој младите ќе управуваат за отворање нови бизниси и ќе можат да ги реализираат своите идеи.

Демократскиот сојуз во парламентот ќе предложи нов Закон за борба против организираниот криминал, со конфискација на криминално стекнатиот имот и забрана за политичко дјествување. Трајанов најави и уставни промени за прецизно дефинирање на одговорноста на судиите и обвинителите, но и други системски промени околу можноста за распуштање на парламентот, импичмент на претседателот на државата, преиспитување на Бандетеровото мнозинство и други решенија со кои ќе се јакне граѓанскиот концепт на државата.

Натамошната соработка со другите партии, според Трајанов, ќе зависи дали ќе останат на предизборниот договор, после изборите, во рок од три месеци да се прифатат предлозите на Демократскиот сојуз, Македонија да биде една изборна единица, за да се создадат еднакви услови и шанси за сите партии, и да се сруши монополот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои 30 години се менуваат на власт, но државата стагнира.