Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник, Павле Трјанов достави иницијатива до претседателот на Собранието Талат Џафери.

Во иницијативата, се вели дека во услови на третиот бран на пандемијата, како и појавата на нови соеви на коронавирусот со многу поизразени симптоми и потешки форми на зараза, поради инфицирани пратеници нема кворум за одржување на седници на Собранието, а поради блокадата со поднесување на голем број на амандмани, работата на Парламентот станува се посложена и потешка, при што пратениците и натаму се изложени на огромен ризик од инфекција. Досега над 30 пратеници биле заразени од вирусот.

Трјанов бара да се зголемат заштитните мерки во Собранието, посебно во салата за пленарни седници и просториите каде се одржуваат седници на комисиите. Тој предлага преку Собранискиот канал да се информираат пратениците кога започнува седницата, кога има пауза, до кога трае и кога продолжува со работа. Понатаму, во салата да бидат присутни пред се пратениците кои се јавиле за збор или имаат реплики, а другите текот на седниците да го следат од своите канцеларии.

Да се донесе Одлука без да се менува Деловникот за работа на Собранието, со која ќе се обезбеди/овозможи онлајн работа. Одлуката да биде од времен карактер до создавање на услови за нормална работа на Собранието.

Да се измени Деловникот за работа на Собранието со што амандманската расправа ќе се ограничи најмногу до 10 дена, освен за прашања сврзани со националните и стратешките интереси на РСМ.

Да се обезбедат безбедни здравствени услови за работа на ресторанот (за пратениците од внатрешноста), да се обезбеди сопствен возен парк и сл. се со цел Собранието да може непречено да ја остварува својата Уставна функција“ се вели во иницијативата на Трајанов.

Исто така се предлага да се формира работна група составена од претставници од сите парламентарни групи и независни пратеници, која ќе направи анализа на функционирањето на Собранието и ќе предложи решенија.

Тој иницира да се подобрат условите за работа и функционалноста на Собранието, при што претседателот, кој е прв помеѓу еднаквите, во работата да го почитува Деловникот за работа на Собранието, да не се впушта во долги и непотребни елаборации и да има ист однос спрема сите пратеници, заклучува Трајанов.