Осомничените ја ставиле партијата во функција на настаните од 27 април

157
Фото: Дарко Андоновски

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, и шефицата на ОЈО, Вилма Рускоска, на вчерашната прес-конференција одржана во Јавното обвинителство, соопштија дека ќе се бара проширување на барањето за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, кој по бегството од Македонија доби азил во Унгарија, а истото тоа ќе биде побарано и за осомничениот во оваа истрага, Никола Бошковски од УБК, кој е избеган во Грција.

Рускоска истакна дека бидејќи станува збор за истражна постапка, доказите се наоѓаат во ЈОРМ и тие ќе бидат испратени до Кривичниот суд, затоа што според законот, судот е тој што поднесува докази и барање за екстрадиција до Министерството за правда.

– Во наредбата за истрага стои дека осомничениот Н.Г. како тогашен претседател на политичка партија преку медиум ги повикал граѓаните на протести и заедно со другите обвинети за таа цел ја ставиле во функција целата партиска структура. Имаме и пораки, дел од тие докази се обезбедени, за тоа е и отворена истрагата, а на дел сѐ уште се работи – изјави Рускоска.

За ставањето во функција на партијата тука биле уште двајца осомничени, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески. Цело време, како што рече обвинителката, имало партиска координација со месните и со општинските комитети на партијата за излегување на протестите, кои се организираа во периодот пред 27 април, како и за повикување на масовност дента на упадот во Собранието.

Законот за амнестија што беше донесен за дел од обвинетите за насилствата во Собранието на 27 април, според Рускоска, не би требало да биде пречка во постапката што се води против организаторите на упадот.

– Во Законот за амнестија не е амнестирано кривично дело, туку поединечни дејства. Таму стриктно е наведено дека Законот за амнестија не важи за организатори – рече Рускоска.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера почна истрага за гонење на пет лица, кои се сомничат дека се организатори на настаните од 27 април. Тие се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Меѓу нив е и поранешниот премиер Никола Груевски, како и избеганиот разузнавач Никола Бошкоски.

Вчера им беше одреден триесетдневен притвор на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои се осомничени дека учествувале во организацијата и спроведувањето на насилствата во Собранието, кои се случија на 27 април. Според информациите од Кривичниот суд, на Ристовски и на Јанакиески им е одреден притвор поради можност од бегство и влијание врз сведоци. Адвокатите на Ристовски и на Јанакиески најавија жалби на одлуките за притвор.