Османи: Рокот за менување на Изборниот законик е трети февруари

47

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, вчера од седиштето на Државната изборна комисија (ДИК) упати порака до сите учесници на претстојните предвремени парламентарни избори за важноста од организирање на фер, демократски и слободни избори, имајќи предвид дека земјата треба да добие датум за почеток на преговори. Османи, меѓу другото, рече и дека ќе ја информира Владата за потребата за носење на измените на Изборниот законик, кои се во нацрт-верзија и сè уште не се во владина процедура.

– Пред да дојдам на оваа средба се слушнав со претседателот на Собранието за да прашам кои ни се роковите за пред распуштање на Собранието да го донесеме кој било закон и негов став е дека трети февруари е последната седница на која ќе можеме ние да го поминеме овој закон, така што затоа и денеска разговаравме во детали за овие измени, пред сѐ, во смисла на имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и за одредени прашања, кои особено се однесуваат на кампањата, на плаќањето на кампањата и на одредени можности за гласање на одредена група граѓани. Роковите се многу кратки. Ние денеска имаме седница на Владата во Штип попладне и со извештај од оваа средба јас денеска ќе разговарам на Владата за да дефинираме конкретни рокови и чекори што понатаму од денеска треба да ги спроведеме, бидејќи очигледно нема многу време за донесување на законот, а тој е многу важен за еден нормален процес – објасни Османи.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со прочистувањето на Избирачкиот список, рече дека тој редовно се ажурира, но оти тој никогаш не може да биде идеално чист затоа што тоа е менлива категорија.