Османи: Предизвиците со Бугарија иако делуваат жестоко, тие се надминливи

169

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ги претстави приоритетите во неговиот мандат. Како прв и најважен приоритет Османи ги посочи добрососедските односи, за кои посочи дека покрај имплементацијата на билатералните обврски, влегуваат во нова фаза на долгорочно и стабилно пријателство

– Наш прв приоритет се добрососедските односи, кои влегуваат во нова фаза од нашиот севкупен политички и општествен развој. Додека бев во Вицепремиер за европски прашања користев една изрека која во Секретаријатот за европски прашања, која беше испишана на едно пано на сите јазици на соседите – ‘Убаво е да имаш добри соседи, но вистинска победа е да ги имаш за пријатели’. Денес, откако практично ги затворивме, или можеби подобар – поактуелен термин би било ‘ги врамивме’ сите отворени прашања со соседите, пред нас се отвора предизвикот да го преминеме скалилото на добрососедство, и да ги отвориме можностите на длабоко и долгорочно пријателство – посочи Османи.

Во рамките на презентација на овој приоритет Османи се осврна и на актуелните предизвици со Република Бугарија, за кои посочи дека иако делуваат жестоко, тие се надминливи токму поради врамувањето на билатералните односи во рамка која е содржана во Договорот за добрососедство потпишан меѓу двете земји.

Покрај односите со соседите, како втор приоритет Османи посочи и на регионалната обврска на земјата за создавање долгорочна стабилност и де-балканизација на регионот.

– Во регионот сè уште има отворени прашања кои нè засегаат сите нас, а претставуваат и важен меѓународен приоритет. Ние мора да преземеме обврска дека ќе бидеме стабилни партнери на Европската Унија и САД на Балканот, земја на која можат да се потпрат во имплементацијата и промоцијата на регионалната стабилност. За таа цел, покрај активниот придонес во регионалните иницијативи, предвидуваме создавање и на наша автентична иницијатива – Регионален центар за дијалог – ‘Преспа форум’, кој ќе биде платформа за добрососедство и решавање на билатералните прашања, но и форум од каде ќе произлезат нови инцијативи за регионална соработка – посочи Османи.

Како посебен приоритет Османи посочи и на оформувањето на преговарачката рамка и стартот на преговорите, а ги претстави и приоритетите на надворешната политика во рамките на самиот процес на преговори

– Во првите 100 дена фокусот на надворешната политика е заокружувањето на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, или формалниот старт на преговорите. За тоа се ставени сите капацитети во погон, и дозволете да изразам задоволство од работата на нашите дипломати, на нашите претставници, кои во ниту еден момент не дозволија нашата приказна да остане неискажана, аргументите необјаснети – рече Османи.

Османи ја потенцираше и економската дипломатија како дополнителен приоритет на надворешната политика во претстојниот период.