Османи: Потребен ни е политички и општествен консензус за напредок на земјата

256

Имам целосно разбирање за потребата на опозицијата да гради алтернативни политики од оние на власта, но, апелирам, за суштинските реформи, за евроатланската перспектива, но и за стратешките интереси на земјава, да изградиме политички и севкупно, општествен консензус, кој ќе претставува катализатор на напредокот на земјата.

Ова го порачал вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој денеска заедно со претставници на Секретаријатот за европски прашања, го презентирал Планот 18 пред претставниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Како што соопшти СЕП, на средбата биле претставени клучните области на новиот реформски План 18, како и досегашните предлог мерки на планот, како основа на која во претстојниот период Секретаријатот за Европски прашања ги собира, систематизира и обработува сите предлози кои доаѓаат од Делегацијата на ЕУ, Администрацијата на ЕУ во Брисел, домашниот граѓански сектор, експертската јавност, и секако, од опозицијата.

– Вашите предлози, коментари и евентуални забелешки, имаа посебен третман во дефинирањето на целовитоста на Планот 18, имајќи ја предвид интенцијата на Владата и владејачкото мнозинство, за изградба на политички консензус, и тоа не само за законите кои упатуваат на тоа поради потребата од двотретинско мнозинство, туку како клучна политичка придобивка која упатува на сериозноста на државата – изјавил Османи.