Османи очекува чиста препорака за старт на преговори со ЕУ

625

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, очекува извештајот на напредокот на Македонија кон ЕУ да даде чиста препорака за старт на преговори и да биде најдобар досега. Тој го повика и претседателот на државата да остави позитивен траг во историјата на државата и да го потпише законот за јазици.

Вицепремиерот за европски интеграции, Бујар Османи, во Брисел ги имаше последните средби пред објавувањето на годишниот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ и имаше последна шанса да ги изложи аргументите на македонската страна за добивање неусловена препорака за старт на преговори.

Тој денеска се сретна со високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини, европратеникот Ханс Ван Бален како и со шефот на кабинет на претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск. Османи вели дека позитивна енергија преовладува кај сите соговорници и дека има впечаток дека е препознаен напредокот, за кој е заслужно целото општество.

-Овојпат не е ексклузивен процес на владата, туку на целото општество, и денешното појавување на опозицијата во Парламентот е важен придонес на опозицијата во овој процес што бара национален консензус – вели Османи.

Вицепремиерот очекува главните критики во извештајот да се однесуваат на именувања и отпуштања во јавната администрација како и прашања кои се однесуваат на медиумите.

-Очекуваме критиките да бидат најмали од сите извештаи досега. Не поради тоа што Македонија нема што многу да направи, меѓутоа реално Македонија направи малку грешки во овој период. И Европската Комисија тоа го препознава како заложба, како вредности кои ги делиме и тоа го цени, вели Османи.

Веднаш по објавувањето на извештајот и врз основа на забелешките што ЕК ќе ги посочи, Владата, според Османи, планира да продолжи со реформскиот план.

– Продолжуваме, но со нови приоритети кои произлегуваат од стратегиите. Стратегијата за реформа на правосудството се однесува на периодот 2018-2021, тоа се сет на закони, подзаконски решенија, правилници кои го трансформираат судството. Планот 3-6-9 ја даде рамката за тој реформски процес, но тоа мора да продолжи. Истото е во делот на безбедносните служби, јавната администрација, борбата против тероризмот, насилниот екстремизам, миграцијата – рече Османи.

Османи додава дека најдобра реформска рамка е стартот на преговори но дека Македонија “мора да има план“.

За крај вицепремиерот вели дека нема информации за критики во извештајот околу законот за јазици, и смета дека “Брисел е свесен колку се важни меѓуетничките односи“. Тој го повика претседателот на државата да го потпише законот.

– Останува претседателот на државата да рефлектира во овие последни месеци од неговиот мандат, да даде барем еден знак дека е фактор на кохезивност на општеството, да остави трага за понатамошниот соживот, унитарност на заедниците и на самата држава, ја има последната можност тоа да го покаже, инаку ќе го заврши мандатот со празна книга позади себе – истакна Османи.