Османи очекува политичка одлука на самитот на ЕУ

68

Собранието вчера расправаше за извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија што пред пратениците го презентира вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој истакна дека на две недели од самитот на ЕУ се приближува моментот на негова практична валоризација во однос на препораката за почнување преговори.
– Сигурно на крајот ќе биде политичка одлука, која е обременета и од политичкиот контекст во кој се наоѓаат земјава, регионот и ЕУ, но наша обврска е до крајниот момент да ја убедиме секоја земја-членка дека РМ го заслужува ова и оти заслужуваме отворање на преговорите – рече Османи.
Потврдата за тоа, како што дополни, може да се најде во содржината на извештајот, каде што од аспект на политичките критериуми Македонија е на прво место по постигнатиот напредок.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Поповски, на тоа реагираше дека ЕК не прави извештаи за Владата, туку за државата и оти во извештајот има права и одговорности од кои не треба да се бега.
– Наш помал проблем денес е политичката одлука и верувам дека лидерите во ЕУ ќе согледаат колку ѝ треба Македонија на ЕУ за стабилност во регионот. Поголем проблем е нашиот капацитет и во случајов капацитетот на оваа влада да генерира реформи со кои Европа нема да бега од нас – нагласи Поповски.
Артан Групи од ДУИ потсети дека станува збор за деветтата препорака за Македонија, која, сепак, се разликува од претходните со тоа што означува завршување на длабоката политичка криза во државата.
– Главниот збор е завршувањето на кризата и враќањето на довербата на граѓаните во институциите на РМ и во процесот и кредибилитетот на евроатлантскиот сон. Тука стремежот ни е заеднички и се надевам дека ќе продолжиме заеднички – рече Груби. П.Р.