Османи: Очекуваме поддршка од Данска за старт на преговорите

62

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска се сретна со поранешни министри и пратеници од Данска, кои се во посета на земјава.

– На средбата вицепремиерот Османи и данските претставници разговараа за актуелната состојба на земјава во однос на евроинтегративниот процес, при што Османи реферираше за досега постигнатиот успех, а ги запозна и со текот на подготовките на преговарачката структура во земјава, во пресрет на големата октомвриска одлика за старт на преговорите за членство во ЕУ – соопштија од кабинетот на Османи.

– Поддршката што ја добиваме овие денови од европските челници и претставници од европските земји членки е од огромно значење не само за мене како вицепремиер за европски прашања туку и за целата Влада, со оглед на тоа што се оддава признание дека навистина сме успеале во спроведувањето на европските реформи – истакнал Османи.

Тој посочил дека во очекување на, како што рекол, големата октомвриска одлука, продолжува со посета на европските метрополи со цел да ги убеди и најголемите скептици дека Македонија е подготвена за старт на преговорите со Унијата.

Претставниците од Данска ги поздравиле спроведените реформи во земјава за членство во ЕУ и НАТО, при што потенцирале дека новата данска Влада, како и претходната, високо ги цени достигнувањата на земјава во реформите, како и склучените билатерални договори со соседите. Тие се обврзале да ги пренесат впечатоците од нивната посета на земјава, за напредокот, за подготвеноста и за поддршката која тие ја даваат за старт на преговорите со ЕУ во октомври оваа година.