Османи: Очекуваме одлука за преговори во јуни, а отворање на првото поглавје во јануари

62

Комесарот Јоханес Хан е еден од најголемите поддржувачи на потребата од почнување на преговорите оваа година. Тоа што го кажа Хан е всушност тоа што го кажуваме и ние цело време дека наша очекувана варијанта или календар за движење на работите е во јуни да имаме одлука за почнување преговори, односно потврда на датум со кој ќе се даде мандат на ЕК да подготви преговарачка рамка, со тоа што некаде кон крајот на годината би се одржала првата меѓувладина конференција меѓу нашата држава и земјите-членки на ЕУ, бидејќи преговорите не ги правиме со Комисијата, туку со државите-членки, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на Хан дека нема да добиеме датум за преговори туку влегуваме во подготвителна фаза заедно со Албанија, Османи рече дека изјавата на Хан не била таква.

– Ако меѓувладината конференција би се одржала на крајот на годината очекувано е дека првото поглавје би се отворило во јануари. Тоа го објаснуваше комесарот Хан, дека јуни не значи оти веднаш го отвораме првото поглавје. Јуни се носи одлуката за почнување преговори оваа година. Поради сплет на околности, првото поглавје би се отворило во јануари. Тука сме на иста линија со комесарот Хан, рече Османи по посетата на Државниот завод за ревизија.

Вицепремиерот рече дека се уште нема одлука за преговори и најави оти таа ќе се донесе во јуни. Според него, до тогаш има, како што рече, многу непредвидливи прашања, како брегзит, изборите за Европскиот парламент итн.

Османи информира дека изутрината имал средба со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние кој штотуку се вратил од Париз и разговарале за позицијата на Франција во однос на ова прашање.

– Никој не може да каже каква ќе биде одлуката во јуни, но знам дека ако некој заслужува да добие одлука тоа е Република Северна Македонија затоа што е државата што ги прероди европските вредности кои во моментов се под закана и под напад, и е остров на Балканот што е ренесанса на европската идеја во сите нејзини принципи, рече Османи.