Османи: Отворени се сите опции за претседателски кандидат

255
Демократската унија за интеграција ги разгледува сите опции за претседателски кандидат. Разговорите се одвиваат во различни насоки, но се уште нема нешто конкретно, за да кажам кој пат ќе го одбереме – опцијата за кандидат од партијата или опцијата за кандидат кој ќе биде заеднички. Тоа ќе биде прашање што ќе се одлучи или дискутира во следните денови, но сите опции се отворени.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по заедничката прес-конференција на ирската министерка за европски прашања, Хелен Мекенти, и на државниот секретар при Министерството за надворешни работи на Финска, Самули Виртанен.

– ДУИ одлучи да почне со процесот на идентификување на потенцијален кандидат, но ако во меѓувреме се создадат предуслови за соработка, тогаш овој разговор ќе се смени од партиски кандидат во еден заеднички, посочи Османи.

Во врска со вчерашната изјава на лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис дека ќе го искористи правото на вето во отворањето на преговарачките поглавја на Македонија со ЕУ, Османи рече дека во Договорот од Преспа е вклучен и Договор за стратешко партнерство, и со овој договорот Македонија воспоставува стратешко партнерство со Грција, што значи меѓусебно поддржување во сите сфери.

Истакна дека тоа се обврски што ги надминуваат интересите на политичките партии и дневно-политичките агенди и особено доколку тие се под влијание на некаква предизборна атмосфера.

– Динамиката на имплементацијата на договорот е делумно поврзана и со преговорите. Односно внатрешната употреба на новото име е поврзана со отворањето на одредени поглавја. Така да ќе биде и во интерес на Грција што побрзо да се отвораат поглавја, бидејќи тогаш почнуваат роковите за внатрешна употреба на новото име во секторите што ги покрива тоа поглавје. Тоа е дополнителен аргумент плус дека ниту една грчка Влада нема да се обиде да го блокира, туку напротив, да го забрза процесот на отворање поглавја, бидејќи тоа е поврзано со имплементација на Договорот, рече Османи.