Османи: Остварени 90 отсто од реформите предвидени со Планот 3-6-9

1248

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во пресрет на утрешното излегување на Извештајот за состојбите и напредокот на Република Македонија, на евроамбасадорот Самуел Жбогар му го предаде финалниот фактографски извештај за реализација и имплементацијата на реформите од Планот 3-6-9.

– Реализиравме преку 90 отсто од предвидените реформи во Планот 3-6-9 и 100 отсто од неговата суштина. Планот ја постигна неговата цел и ја врати земјата на евроатланскиот пат – истакна Османи при предавањето на извештајот на евроамбасадорот Жбогар, соопшти Секретаријатот за европски прашања.

Османи додал дека согласно испорачаните резултати, очекува убави вести утре од Брисел за Македонија, при претставувањето на Извештајот на Европската Комисија за земјава.

Планот 3-6-9 беше усвоен во јули минатата година, по изгласувањето на новата Влада, чија цел беше одмрзнување на реформскиот процес во Република Македонија и враќање на државата на евроатланскиот пат. Делот три беше финализиран со одржување на фер, слободни и кредибилни избори во ноември минатата година, додека делот шест заврши со излегување на Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан 2025, посочуваат од СЕП.

Периодот за имплементација на делот девет, т.е. на целиот План 3-6-9 истекува утре, 17 април, со објавување на Извештајот на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјава. За таа цел, вечерва точно на полноќ, деталниот Фактографски извештај за имплементацијата на Планот 3-6-9 ќе биде објавен на веб страната на Секретаријатот за европски прашања wwe.sep.gov.mk.