Османи: Неселективната борба против корупцијата е услов без кој нема напредок кон ЕУ

46

Владеењето на правото и неселективната борба против корупцијата се услов без кој нема прогрес на европскиот пат. Случајот „Рекет“ е тест за институциите токму во пресрет на големата одлука за тоа дали реформите што ги спроведовме во овој период и со планот 369 и со планот 18 создадоа институции со доволен капацитет да се справуваат со вакви предизвици, тест што мора да се помине успешно од страна на државните институции и кој ќе биде пресвртна точка и одлучувачки за финалнатa одлука на членките на ЕУ, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

– Секоја криза, доколку правилно се искористи и доколку на овој случај му пристапиме неселективно, транспарентно, ефикасно, може да се искористи како можност за да покажеме пред земјите-членки дека неселективно ќе се соочиме со кој било предизвик и дека и ние имаме низок праг на толеранција во однос на борбата против корупцијата и организираниот криминал, оти можеме да имаме дополнителни бенефиции во одлуката на земјите-членки за започнување преговори – објасни Османи.

Тој повтори дека ќе биде важно доколку во следниот период се најде компромис со опозицијата за да се донесе законот за ЈО и на тој начин да се создаде институција, која не само што ќе ги расчисти целосно дилемите што произлегоа од прислушуваните разговори туку во континуитет ќе продолжи да се бори со корупцијата на високо ниво.
Османи рече дека имаат постојан контакт со претставниците на европските институции и земјите-членки и оти е нормално што има разочараност од последните настани, но сите заеднички констатирале дека сега реакцијата на институциите е многу поважна од постојната и фактичка состојба со која се соочуваме.

Во однос на правната празнина околу именувањето на наследникот на Катица Јанева и дали тоа било тема на разговор во ДУИ и во односите со партнерот во владејачката коалиција СДСМ, Османи рече дека нема да се впушта во правно толкување на одредбите од законот, но дека најдобар одговор е компромис меѓу политичките чинители за трајно решение за СЈО преку новиот закон за ЈО. П.Р.