Османи: Нема нов договор со Бугарија, туку засилување на комуникацијата на повеќе нивоа

200

Нема нов Договор со Бугарија, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Тој вели дека за време на неговиот престој во Бугарија станало збор за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство и ги презеле сите чекори за да им се обезбеди на Комисиите непречена работа.

– Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од договорот – вели Османи.

Тој посетата на Бугарија ја оцени како позитивна. Вели дека се отвориле сите прашања, се засилила меѓусебната комуникација и се реафирмирале заедничката желба, и заедничкиот интерес за европската перспектива на Република Северна Македонија, што јавно го истакнал во Софија, а го потврдиле и премиерот Бојко Борисов и министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева.

– На крајот, дозволете да повикам на сериозност и политичка зрелост. Односите со соседите не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата. Европската перспектива е предизвик за целата земја, а не само на Владата, и претставува обврска за секој од нас – додава Османи.