Османи: Наредните часови се клучни за исходот од преговорите за името

284

Наредните часови ќе бидат клучни за исходот од преговорите меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот околу името, но прерано е сė уште да се каже каков ќе биде исходот, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање на презентацијата на новиот реформски План 18.

– Сметам дека ова се последните метри на еден 25 годишен маратон. Обично последните метри се најкритични, кои можат да го утврдат исходот во позитивна или негативна насока – рече Османи.

Вицепремиерот смета дека и кај двете страни постои волја за затворање на спорот, има активен ангажман на сите нивоа во двете влади.

Според негова проценка, разликите се повеќе во интерпретацијата на напишаното отколку во генералните принципи што ги искажуваат страните во разговорите.

– Сметаме дека е идеална прилика за затворање на прашањето, бидејќи со тоа ќе ни се отвори процесот за влез во НАТО, процесот за преговори со ЕУ – рече Османи и побара разбирање и внимателност во овој период.

Нагласи дека ова се последните критичните чекори, кога е многу лесно работите да се изместат заради оптовареноста на целиот процес и емоциите кои преовладуваат.

– Да бидеме внимателни и да чекаме каков ќе биде исходот во наредните часови и денови – нагласи вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.