Османи: Грција е еден од главните лобисти за процесот на евроинтеграција

213

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на официјалната посета на Грција се сретна со претседателката Катерина Сакеларопулу, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и алтернативниот министер за европски прашања, Милтијадис Варвициотис.

Како што информираат од ресорното министерство, разговорите биле насочени кон динамизирање на севкупните односи меѓу двете земји преку посветена имплементација на преспанскиот договор со цел развивање и зајакнување на заедничкото партнерство.

– Само со заеднички напори можеме стратешкото партнерство да го претвориме во долгорочно и стабилно пријателство, што како земји соседи со сигурност ќе донесе подобар живот за граѓаните на двете земји. Во регионот добивме нова реалност, докажавме дека сите предизвици може ефикасно да се решат преку заеднички и координирани напори. Оттука, јас цврсто верувам дека соработката меѓу Северна Македонија и Грција е дефинитивно нова интегративна моќ за целиот регион – истакнал Османи.

На средбите бил нагласен и досегашниот активен ангажман на Грција во делот на европските интеграции на Северна Македонија, при што било потенцирано дека земјата остануваа наш доследен поддржувач, еден од главните лобисти и промотори во процесот.

– Не смее да биде загрозена европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Сите мора да вложиме во развојот на добрососедските односи, да ја засилиме регионалната соработка и да ја зачуваме европската иднина на регионот. Само преку рушење на стереотипите од минатото и создавање стабилни пријателства ќе обезбедиме просперитетна иднина за нашите граѓани – заклучил Османи.