Османи: Без разлика на предизвиците интеграцијата во ЕУ нема алтернатива

46

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во рамките на официјалната посета на Црна Гора, оствари средба со шефот на црногорската дипломатија Ѓорѓе Радуловиќ. На средбата беа реафирмирани традиционални и пријателски односи меѓу двете земји, а беше нагласена и подготвеноста да се изнајдат конкретни форми за збогатување на секторската соработка, особено во реалниот сектор – економијата, размената, туризмот итн.

– Секогаш е убаво да се биде меѓу пријатели, во посета на пријателска земја, а Северна Македонија и Црна Гора се добар пример за тоа. Денешната посета на Црна Гора ја сметам за важна, како за нашите билатерални односи, за кои исто така сметам дека се одлични, така и за целиот регион, кој сѐ уште е обременет со сериозни предизвици, особено за неговата европска иднина – истакна Османи, упатувајќи благодарност до колегата Радуловиќ за пријатното гостопримство на неговата прва посета на Подгорица.

Покрај билатералните односи, на средбата беа отворени и темите за соработката во рамките на НАТО сојузништвото, како и заокружувањето на европската перспектива на двете земји .

– Процесот на проширување на ЕУ, или да се изразам попрецизно – заокружување или обединување на континентот во еден сојуз – нема алтернатива. Кога се работи за членството на земјите од Западниот Балкан во ЕУ не се поставува прашањето дали, туку како и кога – истакна Османи.

Посетата на министерот Османи во Подгорица, продолжува со негови средби со претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, претседателот на црногорскиот парламент Алекса Бечиќ, премиерот Здравко Кривокапиќ и потпретседателот на Владата Дритан Абазовиќ.