Општина Тетово со слаба реализација на буџетот за првата половина од 2018

69

Тетовските советници не го изгласаа кварталниот извештај за извршување на буџетот на општината за првите шест месеци од годинава. Трите советнички групи на ВМРО ДПМНЕ, БЕСА и Алијанса на Албанците со гласањето против не го дозволија усвојувањето образложувајќи дека е неверојатно ниска реализација на голем дел од ставките предвидени во програмите. Според координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Александар Велјаноски, лошо проектираниот буџет на локалната самоуправа не смее да остави траг по здравјето на жителите на градот.

-Општина Тетово во првите шест месеци од годинава има ниска реализација на ставките од програмите предвидени за овој период, што е директен показател дека проблемите од претходниот мандат на градоначалничката Теута Арифи се провлекуваат и во сегашното нејзино раководење со градот. Голем број ставки се со реализација нула. Така на пример од програмата за јавна чистота од планирани 2 милиони денари реализација е нула. Изградба на водоснабдување планирани 14 милиони денари, реалицизација нула. За простори за паркирање предвидени 2 милиони денари, за депонии 4 милиони, реализација нула. Наплата на данок се движи 25 проценти додека на крајот на годинава нема да надмине повеќе од 40 проценти, рече Велјаноски – координатор на советничка група на ВМРО ДПМНЕ.

Меѓу другите точки на дневниот ред, советниците ја изгласаа и предлог-одлуката за разрешување и именување на членови на надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиско работење на ЈП Градски паркинг Тетово, и на управниот одбор на Отворен граѓански универзитет за доживотно учење Тетово. На денешната 11 седница на Советот на општина Тетово, беше дискутирано и околу годишните програми за работна на општинските основни и средни училишта, како и на општинската јавна установа за деца, детска градинка Младост, Тетово за учебната 2017-2018 година.

А.С.