Опасни пукнатини кај сојузниците на НАТО

603

САД се закануваат дека Турција ќе биде исфрлена од НАТО, а Германците негодуваат за визијата на Трамп за Алијансата

Самитот што се одржа во Вашингтон, по повод 70-годишнината на Алијансата, требаше на светот да му ги покаже монолитноста и сериозноста на сојузот што во иднина ќе биде ангажиран за креирањето на глобалните политики во состав на интересите на Западот. Меѓутоа, доколку подлабоко се проанализираат внатрешните процеси и превирања на Алијансата за време на самитот, паралелно од приказната што ја сервираат медиумите, ќе може да се заклучи дека состанокот практично повеќе не ги отсликува монолитноста и сликата на заедничките интереси на сојузниците, барем не во онаа смисла на зборот како што сето тоа изгледаше неколку години претходно.

Во своја обемна анализа на оваа тема, хрватскиот интернет-портал „Геополитика“ пишува дека во моментов постојат сериозни пукнатини меѓу сојузниците на НАТО. Медиумот оваа своја констатација ја поткрепува со изјавата на советникот на американскиот претседател за национална безбедност Џон Болтон, кој за новинарите истакна дека Америка поради случувањата во Венецуела е подготвена на Бразил да му даде статус на главен сојузник на Алијансата надвор од НАТО.

Во своја колумна на темава, германскиот новинар на ЗДФ, Елмар Тевесен, на 2 април во емисија јавно го запрашал американскиот претседател Доналд Трамп дали тој знае дека северноатлантскиот договор има предвидено можност во Алијансата единствено да пристапат европски држави. Во својот текст Тевесен додал дека американскиот претседател сега сакал сојуз на „подлизурковци и послушници“. Kоментаторот на ЗДФ пишува дека освен послушници Трамп сака повеќе пари, односно сојузниците да потрошат два отсто од БДП во одбрана, и дополнително да ја поддржат неговата влада во чекорите против Иран, Кина и Русија и безусловно повлекување од Авганистан.

– Кој ќе се потчини ќе биде награден – вели во коментарот германскиот новинар.

„Геополитика“ наведува дека германската и американската политика се оддалечуваат една од друга внатре во сојузот.

– Тоа најдобро може да се препознае по прашањата со Русија низ два аспекта едниот поврзан со санкциите кон земјата и вториот поради постојната енергетската поврзаност со Москва – пишува порталот.

На трети март, во околината на Москва е отворена една голема германска фабрика за производство на возилата „мерцедес-бенц“, а во престижниот дел на главниот град е отворен и луксузен салон за продажба на автомобили, кои се први од овој тип на територијата на Русија. Според најавите, инвестицијата се проценува на околу 250 милиони евра, а на одржаната свеченост било истакнато дека во погоните на оваа фабрика ќе работат околу илјади луѓе, а таму ќе се произведуваат околу 25 илјади возила „мерцедес“ годишно.

– Оваа вест е интересна и од агол на американскиот претседател Доналд Трамп, кој воведе нови царини до 20 проценти против ЕУ, односно пред сѐ на оние што се однесуваат на увоз на европски возила – пишува „Геополитика“.

Не е тешко да се претпостави како на овие случувања гледаат инвеститорите од Британија, кои за вакви чекори за инвестирање во Русија може да дознаат само од нивната влада, која дејствува во т.н. одвратување од ова случување. Нормално гневот на американските и на англиските политичари, според овие чекори, е очекуван кон Берлин, ако се знае дека трговската размена со Русија била 61,9 милијарда евра, од кои 39 милијарди се однесуваат на увоз од Русија (главно енергенти), а 25,9 милијарди евра на германски извоз во земјата.Другата опасна пукнатина во НАТО се однесува на американско-турската криза, која, пак, може да има несогледливи последици. Односите меѓу државите се нарушија по тешките несогласувања околу Сирија и по т.н. „темни сцени“ на американската длабока држава, која наводно го организирала неуспешниот обид за воен преврат во Турција во јули 2016 година, по што сето влијае врз упорноста на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за набавка на руските ракети „с-400“.

Американскиот магазин „Вашингтон егазаминер“ пишува дека американскиот потпретседател Мајк Пенс на конференција на Алијансата насловена „НАТО енгејџес“ истакнал дека Турција мора да избере дали сака да стане клучен сојузник во историјата на најуспешната воена алијанса или таа сака да го доведе партнерството во ризик поткопувајќи го сојузот.

Според американскиот медиум, Пенс нагласил дека САД на Турција нема да ѝ ги испорача борбените авиони од петтата генерација „ф-35, доколку Ердоган не ја промени својата одлука за набавка на руското оружје „с-400“.

– Турција има намера да купи 100 авиони „ф-35“ во програмата на НАТО, во чија изработка и производство активно учествува заедно со уште неколку други членки на сојузот уште од 200 година и земјата може да биде исклучена од оваа заедничка програма доколку ги набави руските ракети „с-400“ – информира „Вашингтон егазаминер“.

Властите во Москва и во Анкара, во 2016 година почнаа преговори за купување на ракетите „с-400“, а за договорот е информирана светската јавност во 2017 година, откога беше потпишан договорот вреден 2,5 милијарди долари. По договорот Турција, по Кина и Индија, ќе биде третата земја што ќе го поседува руското оружје во свој состав.

Досега само еднаш во својата историја НАТО го активирал членот 5 од статутот за активирање на заедничката одбрана во случај да биде нападната земја-членка. Тоа беше во 2001 година кога беше извршен терористички напад во САД и кога НАТО на чело со американската војска го сруши талибанскиот режим во Авганистан. Иронијата е во тоа што САД на овој самит на семејството на НАТО бара комплетно повлекување од земјата, со што патем се водат преговори во Доха, Катар со претставници на талибанците. Освен очигледниот воен пораз во Авганистан, во изминативе декади учествуваше во рушењето на Муамер ел Гадафи, кое резултира со целосен хаос во таа земја, а во целиот регион поттикна бран од милиони африкански бегалци и мигранти, кои се упатија кон Европа и истовремено го засили исламскиот тероризам на тие простори.