Опасни инсекти демнат во текот на летото

182

Иако по природа не е агресивен и главно го избегнува човекот, стршенот доколку се почувствува загрозено, напаѓа. Причина за тоа е што овие инсекти прават гнезда во близината на куќите, па луѓето често во обид да го отстранат нивниот „дом“, ризикуваат да бидат нападнати

Неодамнешната смрт на 49-годишен скопјанец по убод од стршен е најсвеж пример дека убодите на стршлените, но и на сличните инсекти, како што се осите, може да бидат опасни, особено кај алергичните лица.
Сезоната на пчели, оси и стршени е во полн ек, па е регистриран и поголем број на убоди и лекарски интервенции.
Она што е најопасно се убодите кај алергичните лица, а бурната реакција може да настане моментално или по 5-10 минути, а понекогаш да заврши и фатално.
Иако по природа не е агресивен и главно го избегнува човекот, стршенот доколку се почувствува загрозено, напаѓа. Причина за тоа е што овие инсекти прават гнезда во близината на куќите, па луѓето често во обид да го отстранат нивниот „дом“, ризикуваат да бидат нападнати.
– Пред извесно време забележав дека во дворот на семејната куќа сè почесто среќавам стршени. Се загрижив, бидејќи за викендите на гости доаѓаат внуците и си играат низ дворот, па решив да откријам од каде доаѓаат овие инсекти. Забележав дека леглото им било во едно шупливо дрво и при обидот да ги избркам оттаму, ми се пушти рој од овие опасни инсекти, но, за среќа, се облеков во подебела облека и пчеларска шапка и така се спасив од каснување – вели Ѓорѓи Апостоловски, пензионер.
Тој додава дека потоа се обратил до служба за дезинсекција, од каде што стручно ги отстраниле стршлените.

– По третманот, стршлените повеќе не се појавија во мојот двор и се надевам дека така ќе остане и во иднина – нагласува Апостоловски.
Овој период од годината вообичаено е поголем број луѓе да се јавуваат со реакции на убоди на оси, пчели и разни други бубачки, но убодот на стршенот е исклучително опасен и болен поради долгото осило.
– Реакцијата на убодот на стршен се јавува доколку лицето е алергично. Алергиите се јавуваат во облик на црвенило и оток, а по неколку минути може да настапи анафилактичка реакција, проследена со грчеви во стомакот, бронхоспазма, оток на лицето, отежнато дишење, пад на крвниот притисок, кома и на крајот смртен исход. Пациентот што знае дека е алергичен треба веднаш да се јави на лекар доколку ги забележи споменатите симптоми – појаснуваат лекарите.

Тие уште предупредуваат дека отровот на стршенот е стопати посилен од оној на пчелата или осата, а реакцијата на убодот не може да се предвиди.
Според дерматолозите со кои се консултиравме, доколку дојде до убод на оса, пчела или каков било друг инсект, а се јави реакција во вид на оток, црвенило, задушување, потребно е лицето итно да се јави на лекар.

– Понекогаш се случува човекот да не биде алергичен и по десеттиот убод да се јави алергија, тогаш е потребно веднаш да се обрати на лекар. Лицата што знаат дека се алергични би било пожелно секогаш со себе да имаат инјекција адреналин, бидејќи понекогаш реакцијата е многу брза и се јавува веднаш. Треба да се внимава за време на престој во природа, но дури и кога пиете сок на некоја тераса во кафуле, бидејќи може да се случи инсектот да ве боцне за јазикот, а тоа е многу опасно. Затоа советувам на претпазливост – вели Добрила К., дерматолог.
Поради опасноста од убод, дезинсекцијата на стршени треба да им се довери на стручњаци, кои треба веднаш да се алармираат ако се забележи дека во близината овие инсекти поставуваат гнезда.

Скопјанец на возраст од 49 години неодамна бил пронајден починат од страна на Итната медицинска помош во неговиот стан, на улицата Никола Русински.
На местото на настанот била затекната В.М. (57) од Скопје, која изјавила дека претходно добила повик од мажот, кој и кажал оти го каснал стршен и побарал од неа да повика итна медицинска помош.