Од народот се црпи легитимитетот на политичките одлуки

529
Фото: Игор Бансколиев

Искуството од договорот со Бугарија, кога една година по неговото потпишување на виделина излегуваат нови и нови условувања и толкувања од страна на Бугарија, но и отворени закани и негации на македонскиот народ и држава, се најсилно предупредувањe широко да се отворат очите

Во фокусот на претстојниот референдум, закажан за крајот на следниот месец, но и официјалното почнување на кампањата на Владата за поддршка на спогодбата од Мала Преспа, како услов за наш влез во ЕУ и в НАТО, се уште во најголема тајност се чува најавената амандманска интервенција во Уставот што произлегува од меѓусебниот договор. Приврзаниците на спогодбата ја оквалификува како „политички функционална“, одбегнувајќи јасен став колку како правен акт таа е правно издржана. Оние што ја анализираат повеќеслојно, спогодбата ја квалификуваат како ултимативен акт на капитулантство, истакнувајќи одредени одредби што, доколку се применат, ќе предизвикаат „промена на геномот на македонскиот народ“, односно бришење на нашиот идентитетски код.

Во таа насока експертската и стручна јавност апелира до Владата да се објават што поскоро планираните амандмански измени што се планира да се спроведат во Уставот пред одржувањето на референдумот. На тој начин, според нив, на граѓаните би им се овозможиле валидни информации за носење исправна одлука за референдумот, но и информации за градење свои индивидуални ставови што можат да очекуваат понатаму. Искуството од договорот со Бугарија ни се враќа како бумеранг, една година по неговото потпишување на виделина излегуваат нови и нови условувања и толкувања од страна на Бугарија, но и отворени закани и негации на македонскиот народ и држава. Тоа се најсилни предупредувања широко да се отворат очите или, како што вели народот, да отвориме четири очи пред да биде предоцна.

Во пресрет на референдумот, Владата започнува и своја кампања, преку која ќе се обиде да ги претстави пред граѓаните сите аспекти од спогодбата со Грција.
Уставниот судија и професор Осман Кадриу смета дека Владата во врска со уставните промени што произлегуваат од договорот со Грција има своја стратегија.

Во таа насока, во однос на претстојниот референдум и спогодбата со Грција, експертската и стручна јавност апелира до Владата да се објават што поскоро планираните амандмански измени што се планира да се спроведат во Уставот пред одржувањето на референдумот

– Најпрво сакам да истакнам дека тука станува збор за две важни за нас активности, кои се од политичка природа, а се во тесна врска со договорот со Грција. Првиот е за референдумот, со оние додавки што се однесуваат на нас и се поврзани со нашето членство во НАТО и во ЕУ. Втората важна активност од договорот е, всушност, пристапувањето кон неговото спроведување, односно менување и дополнување на Уставот што произлегува од него. Убеден сум дека Владата има своја агенда како ќе ги реализира овие задачи што произлегуваат од спогодбата и кога ќе се пристапи кон измената на Уставот. Но повеќе од јасно е дека во исто време има потреба од отворање јавна дебата за измените и се надевам дека и за тој проблем имаме стратегија, но и конкретна динамика на активности – вели Кадриу.

Според него, тој ја разбира логиката на Владата да не ги објави амандманските новини, бидејќи тие се во директна причинска врска со закажаниот референдум и дека тоа може да ги наруши и целиот процес и неговото одржување. Сепак, Кадриу додава дека граѓаните недвосмислено мора да бидат известени за промените што се најавуваат.

– Јавноста, се разбира, треба благовремено да биде известена кои ќе бидат тие новини што ќе бидат вградени во највисокиот правен акт. Мое мислење е дека со еден амандман ќе биде додаден и изменет Уставот, но и преамбулата. Прашањето во овој момент е и како ќе се изведува оваа деликатна постапка, бидејќи таа е сложена и минува низ две-три фази, што е од важно значење за целиот процес, вклучувајќи ги и новите амандмани, бидејќи во сите тие случаи се бара да се обезбеди двотретинско мнозинско, бројка што е осетлива и помалку остварлива во овој момент, со оглед на политичката ситуација. Сепак, тука сакам да истакнам дека иако во овој момент за процесот има недостиг од дебата, ништо не е доцна за Владата. – смета професорот Кадриу.

Од друга страна, политичкиот експерт Ристо Никовски во врска со планираните амандмански измени, кои се подготвуваат да се спроведат во Уставот како резултат на спогодбата од Нивици, пред одржувањето на референдумот вели дека текстот за нив е веќе подготвен, но се крие од јавноста, бидејќи, според неговите претпоставки, токму во тој текст во Уставот ќе биде избришан македонизмот, а со него и македонскиот народ во целост.

– Иницијативата да се објават веќе подготвените уставни промени е извонредна и само врз таа основа може да одлучува народот. Никој нека не се залажува дека текстот од договорот е грчки, тој е американски и заедно со договорот се, секако, прецизирани и сите уставни промени. Значи, тоа веќе постои и се крие. Зошто се крие секому му е јасно, затоа што во нив најубаво и најдиректно ќе се видат капитулацијата на која сме изложени и предавството што се прави. Во Уставот целосно ќе биде избришан македонизмот, а ако го нема него, нема да може да има и македонски народ – подвлекува Никовски.

Во меѓувреме остануваат многу непознаници и со финансирањето на кампањата за референдумот, која вчера ја најави владиниот портпарол Мухамед Хоџа. Хоџа рече дека на вчерашната седница на Владата бил донесен заклучок министерствата во рок од три дена да достават до Министерството за финансии колку пари можат да пренаменат за кампањата. Според него, тогаш ќе може и да се излезе со проекција колку пари ќе бидат одвоени за кампањата.
– Ние оценуваме дека референдумското прашање е многу важно за иднината на Македонија – одговори Хоџа на новинарско прашање дали референдумот е поважен од проектите на министерствата.

Според венецијанскиот кодекс за добри референдумски постапки, донесен во рамките на Советот на Европа, каде што Македонија е членка, употребата на јавни фондови од страна на властите во кампања за референдум мора да биде забранета. Владиниот портпарол Хоџа за оваа легислатива истакна дека планот се подготвува, а во идниот период ќе се разгледуваат законите за финансирање.

Инаку, засега најактивни на социјалните мрежи се две групи: едната за референдумот и гласањето „за“, а другата за бојкот. Речиси нема повици за гласање „против“. Позасилена кампања се очекува да почне кон крајот на месецов.

Фото: Игор Бансколиев