Од кој мрачен дамар се извадени податоците за македонската нетолерантност?

405
Фото: Игор Бансколиев

Реакции на истражувањето на „Галуп“ за односот
на државите во светот и во Македонија кон бегалците

Колку се издржани наодите на последното истражување на „Галуп“ поврзано со толерантноста кон бегалците и мигрантите во светот, во кое се заклучува дека Македонија е на врвот на листата на нетолерантност кон нив?
За потсетување, според истражување на „Галуп“, Македонија има најнизок индекс во светот за прифаќање на мигрантите, 1,46 од можни 9 поени. Зад нас втора е Унгарија (1,64), трета е Србија (1,79). На табелата за нетолерантност кон бегалците следуваат повеќе земји од регионот и од светот, односно Хрватска (1,81), Босна (1,85), Црна Гора (1,87), Летонија (2,25), Малезија (2,24), Тајланд (2,48), Словачка (2,52) и Турција (2,53).

Во истражувањето, како најтолерантни држави кон бегалците се наведуваат Канада со индекс (8,46), Исланд, Нов Зеланд, Австралија, Сиера Леоне, САД итн.
Во врска со ова истражување, „Нова Македонија“ направи поширока анкета и побара мислење од повеќе засегнати страни, граѓани, НВО од оваа област, експерти и институции, чии ставови и информации не соодветствуваат со податоците од истражувањето на „Галуп“. Уште повеќе, тие тврдат дека анализата на „Галуп“ не се совпаѓа во целост со состојбите на теренот, ниту пак имаат заеднички именител со соопштенијата на телата од релевантните меѓународни организации, како ЕУ и ООН, кои работат со проблематиката со бегалците, мигрантите и барателите на азил. Затоа што постојат низа извештаи и анализи на горенаведените меѓународни институции каде што нашата држава редовно е пофалувана за своите дејствувања од хуманитарната област, вонсерискиот третман и давањето помош на овие луѓе што транзитираат низ Македонија.
Аналитичарите тврдат дека граѓаните во нашата земја се длабоко хумани и дека традицијата на уважување, соживот и толеранција е длабоко вкоренета на овие простори, а ксенофобијата е непознаница.

Парцијално истражување

Хуманитарецот Јасмин Реџепи од невладината организација „Легис“ вели дека во своето справување со состојбите поврзани со мигрантите и бегалците, нашата земја многу добро котира во меѓународната заедница, а последниот извештај на „Галуп“ за него е неразбирлив.
– Од почетокот на бегалската криза, во 2015 година, па до нејзиниот крај, на 8 март 2016 година, нашата земја стори многу во правец на помош на луѓето што транзитираа низ балканската маршрута до нивните крајни дестинации. Луѓето во Македонија беа солидарни, помагаа, но истото тоа се случи и од страна на невладините организации и државните институции. Сите заедно покажаа солидарност, хуманитарност, помош и волонтеризам – вели Реџепи.
Но откога Европската Унија воведе рестриктивни политики кон мигрантите и распореди меѓународни полициски сили на нашите граници и правила за третман на луѓето, кои Македонија мораше да ги следи, состојбата кон оваа помош стана порестриктивна, но тоа беше наложено од Брисел.
– Па, дури и во тие околности, наодите на анализата не се совпаѓаат со теренската состојба, бидејќи во земјава имаме подобрени услови на транзитни центри и кампови, се сменија неопходните закони од оваа област и се унапреди легислативата по некои прашања, а за време на кризата низ Македонија транзитираа без некои посериозни проблеми над милион луѓе – вели Реџепи.

Тој истакнува дека, за разлика од Македонија, на пример, голем дел европски земји многу лошо ги третираа и сѐ уште ги третираат бегалците, барателите на азил и мигрантите.
– Во споредба со Македонија на пример, во светот е познат лошиот третман на Унгарија кон овие луѓе. Натаму, за разлика од Македонија, само во соседството имаше голем број случаи на напади и физички пресметки со мигрантите, а тоа беше евидентно во Хрватска, Бугарија, Словенија, па дури и во Грција. Па, оттука, повторно имам дилема во врска со наодите на истражувањето – вели Реџепи.
Хуманитарецот додава дека единствено нешто што ни оди во контекст на овие тврдења е фактот што кратко време, само во предизборие, една партија се обиде да ги стигматизира бегалците, но тоа никогаш не стана владина политика, а по крајот на кампањата исчезнува како тренд.
– Сметам дека истражувањето е направено парцијално и сликата е искривена за состојбите во Македонија. Сигурен сум, поради моето искуство во дејствувањето на ова поле, дека луѓето во нашата земја не се ксенофобични, тие не мразат мигранти, а државата во најголем дел многу подобро се справува со проблемот во споредба дури и со оние поразвиените од Европската Унија – резимира Реџепи.

Спротивни заклучоци од ЕУ и од ООН

Политикологот Милан Стефаноски размислува слично со Реџепи и вели дека честопати истражувањата и анкетите во практика не ги отсликуваат состојбите на терен за многу битни прашања, па и за миграцијата на бегалците и на мигрантите.
– За мене лично, оваа анализа не држи вода, бидејќи нејзините заклучоци контрираат со оние на официјалните меѓународни институции, како ЕУ и ООН. Тоа го тврдам поради фактот дека честопати Македонија во редовните извештаи на овие институции беше пофалувана за својот ангажман по овие прашања. Дополнително, јас истовремено не се ни сеќавам дека воопшто имало и некаква критика кон Македонија. Па, оттука, јас оваа анализа би ја зел со резерва и не би ѝ придавал големо внимание – резимира политикологот.


Слика од ЕУ: Чешка одбива да даде согласност за прифаќање мигранти

Во контекст на актуелните случувања, за обележување се информациите што велат дека времето на објавувањето на извештајот на „Галуп“ се совпаѓа и со периодот кога Европската комисија се обидува да ја официјализира својата идна политика насочена кон справување со проблемот со мигрантите, барателите на азил и бегалците во Европа.
На оваа тема интернет-порталот Геополитика информира дека Чешка одбива да му даде согласност на Брисел на нејзина територија да бидат распределени мигранти и бегалци што се наоѓаат во други држави на ЕУ.
Министерот за внатрешни работи на оваа земја, Јан Хамачек, изјавил дека неговата влада не се согласува со политиките што во моментов се обидува да ги спроведе ЕУ и одбива да прифати квоти на мигранти и бегалци на нејзина територија.

 

[email protected]