Од газда на кафеана до живот на бездомник

1502

Животот на бездомните не е ни малку лесен, а засолниште наоѓаат во Домот за бездомници во Момин Поток, на Црвениот крст на Скопје. Педесет и деветгодишниот Борче Срцев, кој одлучи својата животна приказна да ја сподели со нас, е еден од нив

НЕСЕКОЈДНЕВНИ ПРИКАЗНИ ОД НАШИТЕ УЛИЦИ

Велат споделената радост е поголема радост, додека споделената тага е помала тага. Дел од својата тага и својот мачен живот како бездомник се одлучи да ги сподели со нас и Борче Срцев, педесет и деветгодишен маж, кој иако потекнувал од имотно семејство и имал убави работни места и добро заработувал, сепак се нашол во ситуација да живее живот на бездомник. Во изминатите денови кога земјата беше окована под мраз и со минусни температури длабоко под нулата, животот на улица и под ведро небо претставуваше своевиден подвиг. Но и покрај маката и тешкотиите, тој сака да се потсетува на убавите моменти. За себе вели дека живеел во среќно семејство, пораснал во скопски Карпош 4 со своите родители и со девет години постарата сестра, која сега шест години не ја видел, иако живеат во ист град. Бил среќно и задоволно дете, средношколец од гимназијата „Георги Димитров“.
– Моето прво работно место во поранешна Југославија беше во тогашниот завод за осигурување „Дунав“, каде што работев како застапник за осигурувања во приватниот сектор. Имав служба, убаво платена, а работата ми беше повеќе на терен. Кога заминав од таму, отворив продавница за зеленчук и овошје и во 2005 година кога давачките станаа многу поголеми отколку заработувачката, ја затворив продавницата и се вработив во „Жито лукс“, каде што работев цели шест години. Во меѓувреме добив сертификат за англиски јазик, кој ми даваше можност да работам како наставник во основно училиште, но никогаш не го работев тоа. Во 2002 година почина татко ми, а десет години по него и мајка ми. Но по смртта на татко ми имавме делба на станот во кој живеевме, а јас за тоа време работев во Бугарија три години. Кога се вратив, со мојот дел од парите отворив кафеана, ама во погрешно време и на погрешно место. Работата не одеше, влегов во долгови и само за две години имав неплатени сметки за струја во вредност од шест илјади евра. Тоа беше и причината зошто од тогаш веќе пет години во Црвениот крст сум евидентиран како бездомник – раскажува Борче Срцев. Тој вели дека нема свое семејство, никогаш не се оженил и сам е со сите свои несреќи, повеќе гладен и жеден отколку сит, а, за среќа, во зимските и студени денови наоѓал засолниште во Домот за бездомници на Црвениот крст на Скопје.

Преживеал и мозочен удар и во оваа несреќа добил поддршка од оваа организација, а Црвениот крст ги намири сите трошоци за лекување и рехабилитација. Од таму му помогнале да аплицира и за туѓа нега и сега со сумата од 3.990 денари што ја добива живее под кирија. Сам ги плаќа сметките за струја и вода и вели едвај 700 денари му остануваат за да се прехрани. Но не се жали, вели дека тука се добрите луѓе од невладината „Љубезност“ што му носат храна, добива донации и од Црвениот крст и хуманите пријатели и соседи, но никој од роднините со години не контактира со него.
Срцев вели дека имал планови, сакал да се вработи и претходно работел како чувар на објекти во изградба, но сега откако го добил мозочниот удар има парализа на десните екстремитети и користи патерици, а тоа, пак, го оневозможува да го реализира замисленото.
Од Црвениот крст на Скопје информираат дека во Момин Поток во Домот за бездомни лица со капацитет за сместување на 32 лица, поради пандемијата сега бројот е преполовен и можат да се згрижат само 16 лица.