Од безбедносна закана, преку ресоцијализација, до безбедносна безопасност

95

Кој е вистинскиот пат за превенирање и намалување на опасноста од повратниците од ИСИС

Неодамна американскиот портал специјализиран за безбедносни прашања „Џаст секјурити“ изнесе анализа со низа комплименти за нашата земја во врска со мултидисциплинарниот пристап во решавањето на прашањето со повратниците на ИСИС и членовите на нивните семејства, за што „Нова Македонија“ веќе информира. Поаѓајќи од таа анализа, побаравме потврда на терен, заедно со мислењата од безбедносни аналитичари, претставници на државните институции, но и на верските заедници. Нашите соговорници како позитивен чекор најавуваат дека во тек е изградба на државна стратегија за ресоцијализација, со која се очекува да се превенира или намали штетниот ефект врз безбедноста, кој можат да „го увезат“ поранешните припадници на ИСИС што се враќаат во земјата.

Во тек се конкретни мерки за дерадикализација, ресоцијализација и реинтеграција

Од МВР за медиумите неделава информираа дека по акцијата во која се приведени припадниците на ИСИС, одредени објекти на национални институции, како и амбасади на одредени земји се со зајакнато физичко обезбедување, како и со зајакната мотопатролна покриеност.
Пецо Трајкоски од Центарот за стратегиски истражувања и анализи (ЦСИА), во изјава за „Нова Македонија“, вели дека секоја држава што се соочува со безбедносниот ризик што го носат со себе повратниците од боиштата на Блискиот Исток, има своевидна државна програма за нивна дерадикализација, ресоцијализација и реинтеграција или вклопување во општеството од кое заминале.
Трајкоски посочува дека и Македонија не отстапува од овој тренд и таа во моментов изработува свој државен стратегиски сеопфатен документ, кој ја решава оваа проблематика.
– Според јавните податоци, делумно потврдени од официјални државници изминативе години, Македонија на разните боишта на Блискиот Исток има неколку стотина свои луѓе, кои во одреден момент се враќаат во својата земја – вели тој. Токму затоа, вели Трајкоски, е исклучително важно за нашата држава да имаме успешен начин како да се справиме со состојбите.
Експертот од оваа област забележува дека државниот документ за повратниците во себе ќе содржи одредени норми, кои со голема веројатност ќе влијаат позитивно врз луѓето вратени од боиштата и успешно ќе ги ресоцијализираат повторно во домашното опкружување.

– Овие документи во себе имаат сет мерки, кои државата ги имплементира врз овие луѓе и целите нивни пошироки семејства, откога тие ќе излезат од затвор по отслужената казна. Имено, се решаваат нивниот економски и социјален статус, бидејќи дел од овие луѓе најчесто заминуваат на боиштата барајќи економска заработка. Натаму, се воведува строг мониторинг од безбедносните службите на нивното дејствување во околината во која живеат. Се пристапува со помош од верските организации и невладините организации до членовите на семејствата на овие луѓе, при што со апели и чести дискусии се прават обиди да им се помогне лицата да се ресоцијализираат. Во овој процес честопати се користат и експертизите на психолозите и психијатрите, кои во целата слика активно го мониторираат напредокот на лицата и за него даваат свои стручни процени – вели Трајкоски.
Тој објаснува дека доколку Македонија не донесе ваква стратегија, ризикот од овие лица секогаш ќе биде присутен и тој нема во блиска иднина да исчезне.
– Ако не се дерадикализираат, овие лица можат да бидат „спијачи“ и да го чекаат погодниот момент да извршат терористички чин и можат да бидат агитатори и да „заразуваат“ нови членови со својата радикална идеологија, која е нетипична за традиционалниот ислам – заклучува Трајкоски.

Имаме капацитет за секундарна превенција

Борче Петревски, национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, на истава тема деновиве за медиумите изјави дека како држава градиме капацитети за секундарна превенција.
„Во смисла на градење капацитети и она што ние го велиме секундарна превенција, за да не дојде до степен на насилен екстремизам и радикализација, ги градевме капацитети во наставниот кадар, не само во основните, туку и во средните училишта низ цела држава, инвестиравме многу во надградба на кадарот на психолози, социјални работници, педагози итн. И особено е важно, онаму каде што проценивме дека се општини што на некој начин се ранливи, инвестиравме во изградба на капацитетите на младите, преку отворање младински центри, библиотеки, со поддршка на нашите партнери“.
Тој укажува дека ресоцијализацијата во затворите е во зародок, но дека центрите за социјални работи се во контакт со семејствата на повратниците. Сепак, конечната реинтеграција, според Петковски, е личен избор.

ИВЗ – институција што може да помогне во справување со повратниците

Од Исламската верска заедница (ИВЗ) велат дека немаат никакви информации за тоа колку повратници од ИСИС има во земјата, како и колку лица има надвор од неа.
– Ние не сме институција што се занимава со безбедносната структура во државата. Ние можеме да бидеме сервис на државата што може да помогне со справување со повратниците, во насока на помош при нивната ресоцијализација и верска наобразба – велат од ИВЗ.
Оттаму посочуваат дека имаат делегирано човек, кој преку државните институции ги поминува сите обуки и семинари во насока на справување со оваа целна група.
– Сметаме и дека треба повеќе верски лица да бидат присутни во затворите, за да им ја посочат вистинската вредност на исламот – додаваат од оваа верска заедница.
Од ИВЗ резимираат дека со години гласно реагирале против манипулацијата на младите во овој правец и се противеле на нивното приклучување во странските војни.

[email protected]