Одбројување до одлуката на Советот на ЕУ за преговорите со Македонија

178

Советот на ЕУ за општи работи денеска во Луксембург треба да донесе одлука по препораката на ЕК за почеток на пристапните преговори на Македонија и на Албанија.

Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, вчера, ден пред клучниот состанок на ЕУ-министрите, повторно ги повика земјите членки да го наградат како што оцени импресивниот напредок на Македонија, наведувајќи го потпишувањето на Договорот за името со Грција.

– Знаете дека препорачавме отоврање преговори со Скопје и Тирана, овој процес мора да се заснова на заслуги, што значи дека кога има напредок тој мора да биде признаен и да биде охрабрен и придружуван. Се надевам дека земјите членки ќе ја донесат вистинската одлука – рече Могерини, јави дописничката на МИА од Брисел.

Екатерина Захариева, шефот на диплиматијата на Бугарија, која како актуелен претседавач со ЕУ ќе претседава со Советот на ЕУ за општи работи, изјави дека по постигнатиот договор за името со Грција, Советот треба да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори со Македонија. Захариева вели дека повеќето земји членки го поддржуваат ставот веднаш да биде упатена поканата за почеток на преговори, но додава дека постои уште работа за да се убедат дел од државите кои се скептични.

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју за EURACTIV.com, на иста линија со Могерини, порача дека ЕУ мора да го исполни своето ветување во однос на почеток на формалните преговори со како што вели, Северна Македонија и Албанија.

Тој упати апел до сите да сфатат дека постојат проблеми со двете земји, но проблемите можат поефективно да се решат преку мониторинг и скрининг.

– Им кажав на моите колеги дека можат да бидат колку што сакаат строги. Но, ние мора да не ја блокираме перспективата. Се плашам дека ако не се даде датум за пристапни преговори за Северна Македонија, сите напори што ги направивме со големи жртви и компромиси од двете страни, би можеле да бидат ставени во опасност – вели Коѕијас во интервјуто јави дописничката на МИА од Атина.

Со неговиот став се согласува и шефицата на австриската дипломатија Карин Кнајсл, која одговарајќи на новинарско прашање за отворањето преговори со Македонија и Албанија порача дека земјите ги исполниле задачите за преговори и дека кредибилитетот на ЕУ е во прашање. Таа притоа го користеше името „Северна Македонија“ во својата изјава, јави дописничката на МИА oд Брисел.

Позитивни очекувања од ЕУ вчера искажаа и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Заев во ТВ интервју рече дека е многу важно е државите членки на ЕУ и НАТО да дадат охрабрувачка порака за Македонија.

– Македонија не само што испорача успех и пријателство, таа испорача и модел за решавање на тридецениски спорови. Македонија е модел кој може да се практикува. Не се сомневам, знам, дека ќе испорачаат охрабрувачка порака. Тие се должни за тоа- нагласи Заев.

Вицепремиерот Османи, пак, предупреди дека ако нема позитивна одлука од ЕУ за отворање на преговорите тоа би создало негативна клима во земјата дека се прават жртви без награда.

– Тоа може да се одрази на референдумот, а ако референдумот пропадне ќе пропадне и Договорот. Ако пропадне Договорот пропаѓаат и идеите за членство во ЕУ и НАТО – нагласува Османи.

Тоа, според него, би се одразило негативно и врз целиот регион, а посебно на преговорите меѓу Белград и Приштина.

Министерот Димитров се надева дека ќе се најде компромис меѓу членките на ЕУ што за Македонија ќе значи јасна политичка одлука за почеток на преговори за членство.

По ратификацијата на Договорот за решавање на спорот за името и испратените писма од Грција дека нема да се противи за европска и евро-атлантска интеграција на Македонија што е исполнување на нејзинот дел од обврските од Договорот, македонскиот државен врв е оптимист речиси без задршка дека ветеното од ЕУ и НАТО ќе биде исполнето.

Доколку министрите за надворешни работи на ЕУ денеска на Советот за општи работи не постигнат согласност, конечна одлука за преговори со Македонија, ќе биде одложена за самитот на лидерите на ЕУ во четврток и петок.