Обраќање до верниот македонски народ по повод признавањето на Македонската православна црква

Видување на состојбите поврзани со Македонската православна црква-Охридска архиепископија

Возљубени мои духовни чеда, будно ја следам состојбата со нашата Света Црква, сите случувања, натписи и коментари, па би сакал да дадам свое видување на состојбите, со кое се надевам дека ќе им помогнам на многумина.
Имено, во изминатите децении македонскиот народ созреа и почувствува потреба од формирање на своја Македонска православна црква, па, така, преку силната волја и труд на клирот и верниот народ беше возобновена древната и славна Охридска архиепископија, во лицето на нашата света Македонска православна црква.
Да беа Македонците нешто друго, ќе се приклонеа кон веќе постојните Српска или Бугарска црква, но тие не го сторија тоа, туку со големи заложби, со големи пречки и искушенија ја возобновија црквата и денес, благодарение на нив, ние имаме стабилна црква.
Патот на црковното растење и формирање не беше лесен, бидејќи српските владици сметаа дека загубиле своја територија, па нѐ прогласија за расколници и сиот свет ни сврте грб. Но интересен факт е токму тоа, дека во такви лоши услови, со минимална помош од другите помесни цркви, сепак, денес МПЦ духовно воскресна и сега е здрава и зрела црква, со свои просветни институции, со свои епархии, македонски архијереи и свештенство, безброј храмови и манастири, многу монашки братства и сестринства, како и многуброен верен народ, кој си ја сака својата црква и држава Р Македонија. Благодарни сме им на црквите што беа отворени кон нас и примаа наши студенти, а тоа се Руската, Романската, Бугарската, а во поново време и Грчката црква.
Долги години се водеа повеќе преговори со СПЦ, кои не дадоа никаков плод, бидејќи од нивна страна постојано беа измислувани нереални причини за блокирање на преговорите за наше сослужување и единственото нешто што го добивме од српска страна – тоа се кукавичините јајца што се испилија во нашата црква и направија и сѐ уште прават раздори, лажејќи ги луѓето што им веруваат, дека решението е во СПЦ. Неуспешните преговори во изминативе децении ни го покажаа спротивното и не смееме повеќе да си градиме илузии.

Црковното прашање излезе од рамките на црквата, па и нашите политичари се зафатија со решавање на црковниот спор, чиниш ги решиле сите проблеми во државата, па уште ова прашање им останало.
По нивна иницијатива беа испратени писма до Цариградската патријаршија, со молба токму цариградскиот патријарх да го реши овој „Гордиев јазол“. Иако до Светиот архијерејски синод немаат стигнато никакви писма, ниту известувања, ниту барања, сепак некои новинари и медиуми се дрзнаа, па почнаа да пишуваат разни претпоставки за можни решенија, па меѓу другото се спомнуваше и тоа дека МПЦ треба да се откаже од своите епархии во дијаспората и да ги предаде под јурисдикција на Цариград, како и тоа дека неколку наши манастири би требало да станат ставропигијални манастири, односно да преминат под директна управа на цариградскиот патријарх.
Во оваа пригода би сакал да истакнам дека македонскиот народ ниту во дијаспората ниту овде нема да дозволи туѓа јурисдикција во нашите цркви и манастири и дека доколку цената на нашата автокефалност е толку висока, тогаш подобро да си останеме како и досега, и онака без ничија помош и со толку пречки постигнавме многу во духовниот и материјален раст и напредок на нашата света Македонска православна црква. Нашата црква не е на продажба и нема да дозволиме некој да си игра со нас, да нѐ понижува, ниту да го граба она што ние и нашите претходници со пот и крв сме го создавале. Внатрешното единство и меѓусебна доверба се скапоцени нешта, да не дозволиме некој да нѐ разделува. Да го чуваме внатрешното единство како најголема светиња.

Им благодарам на сите што искрено ни помагале и поддржувале во сиот овој период, им благодарам и на подметнатите кукавичини јајца, бидејќи нѐ научија да бидеме попретпазливи и позрели, а најмногу му благодарам на нашиот верен македонски народ што си ја сака својата Македонска православна црква и го повикувам уште повеќе да се вклучи во животот на црквата, да си ги сака својата вера и татковина и така да им пренесе и на идните поколенија Македонци. Само народот што ги љуби Бога и својата црква може да ја сака и гради нашата Македонија, и благословот божји ќе биде со него, а оние чии очи се вперени само во парите, моќта и сладострастието, од таквите бега божјиот благослов. Господ да нѐ чува од такви водачи! Амин!

За „Нова Македонија“,митрополитот повардарски Агатангел