Али Ахмети е повикан за сведок од страна на Специјалното обвинителство за Косово со седиште во Хаг, како што потврди лидерот на ДУИ на својата официјална фејсбук-страница. Тој во објавата наведува дека без двоумење ја прифатил поканата и воспоставил конструктивен и коорперативен контакт со службените лица во Хаг.

– Владеењето на правото и постигнувањето на вистинска неселективна правда, локална и меѓународна, се моја постојана цел и обврска во текот на целата моја активност Затоа, би сакал да ве известам дека Специјализираните комори на Република Косово, односно Специјалното обвинителство за Косово, ме покани како сведок и без двоумење ја прифатив поканата и воспоставив конструктивен и кооперативен контакт со службените лица во Хаг. Отсекогаш сум бил поддржувач на неселективната правда и стојам на располагање на правосудството за да ја докажам искреноста на ослободителната војна на албанскиот народ пред геноцидот на српскиот режим на Милошевиќ – напиша Ахмети, без да понуди повеќе детали за конкретната истрага на Специјалното обвинителство во која ќе биде сведок.

Минатата недела во Судот во Хаг беше повикан претседателот на Косово, Хашим Тачи. Тој три дена даваше исказ за неговата улога во војната на Косово. Засега е непознато дали поканата за Ахмети е поврзана со исказот на Тачи.

Освен за Тачи, Специјалниот Суд во Хаг покрена обвинение и за претседателот на ДПК, Кадри Весели, кој од време на воениот конфликт па сѐ до 2008 година ја вршеше функцијата директор на Инфорамативната служба на Косово. Во списокот на обвинети на Специјалниот суд, според косовските медиуми, се наоѓаат и други високи функционери на ОВК.