Обвинувањата за поткуп на гласачи доведоа до препукување во МВР

141

Очајници прават очајнички потези, напиша заменик-министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска, во врска со објавата на министерот Наќе Чулев, за откриен случај за поткуп на гласачи во Штип. Таа вели дека Чулев намерно не споделува клучни информации од истрагата и дека не е кривично дело поврзано со изборите туку кривично дело од областа на економскиот криминал.

– Во врска со фејсбук-објавата на техничниот министер Чулев, а во интерес на објективно известување на јавноста поврзано со извршениот претрес во објекти во Штип за наводен поткуп Чулев намерно или заради отсјајот не споделува клучни информации од спроведената истрага, а тоа е дека сите од досега сослушаните граѓани чии лични документи се најдени изјавиле дека личните документи не им се земени заради поткуп туку заради долг. Ова не е кривично дело поврзано со изборите туку кривично дело од областа на економскиот криминал кое допрва треба да се докаже – напиша Петровска на Фејсбук.

Срамно е, додава таа, да се злоупотребува позицијата министер за внатрешни работи и да се соопштуваат невистини, особено кога истрагата е во тек, што впрочем е напишано и во известувањето до ОЈО.

– Известувањето во кое е наведено дека не се спомнува ниту една политичка партија, а е доставено до ОЈО е потпишано и од началникот и од дополнителниот начлник на СВР Штип. Со ова очигледна е намерата на Чулев да влијае на истрагата и да ја злоупотреби за партиски цели – напиша Петровска.

Таа ги повика, како што напиша, професионалните и чесни припадници на Министерството да не подлегнуваат на партиските притисоци и секој сомнеж за кривично дело да го докажат во соодветна постапка со соопштување на факти.

Претходно министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев објави дека сопственик на продавница во Штип ветувал дека ќе им избрише долг на неколку лица ако на изборите гласаат за СДСМ.

– По добиени оперативни информации дека лицето Д. А. од Штип поседува патни исправи и лични карти од повеќе непознати лица од ромска националност, кои биле држени како залог за настанат долг во неговата прехранбена продавница, а кој наводно би им бил намирен доколку тие на денот на изборите гласаат за политичката партија СДСМ, побарана и добиена е наредба за претрес на домот и другите простории кај конкретното лице со цел обезбедување материјални докази и целосно документирање на настанот. При извршениот претрес во прехранбената продавница на лицето биле пронајдени четири тетратки во А4-формат, во кои имало список со имиња, 69 биометриски лични карти, 18 биометриски патни исправи, 18 стари патни исправи, шест стари лични карти, една дозвола за престој и една здравствена легитимација, за кои постои основано сомневање дека се предмет на кривично дело поткуп при избори и гласање – објави Чулев на Фејсбук.

Пронајдените предмети се одземени, а во просториите на СВР Штип со Д.А. извршен е разговор во однос на околностите поврзани со пронајдените предмети.

Чулев апелираше до граѓаните да ја пријават секоја активности со која се крши или попречува нивното избирачко право.